Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска се сретна со работната група, што ќе работи на ажурирање на упатствата за практикување медицина заснована на докази. Оваа група, тој ја формираше со цел да им се овозможат на лекарите и здравствените работници, ажурирани и независно прегледани медицински содржини засновани на докази, како еден од начините да се унапреди квалитетот и ефикасноста на грижата за пациентите, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
– Ја формирав оваа работна група со цел да им овозможиме на лекарите и здравствените работници ажурирани и независно прегледани медицински содржини засновани на докази, како еден од начините да се унапреди квалитетот и ефикасноста на грижата за пациентите. Упатствата за практикување медицина заснована на докази, ќе им бидат поддршка на здравствените работници во критичните моменти во текот на работата, бидејќи ќе им овозможат брз и сеопфатен пристап до најновите и најдобри научни докази на едно место. Со тоа не само што ќе им заштедиме во време на лекарите, туку очекуваме и дека ќе го подобриме исходот од лекувањето и ефикасноста на третманот. Проектот, всушност, претставува целосна надградба, на веќе постојниот проект за обезбедување упатства за практикување медицина базирана на докази од Министерството за здравство, што не се ажурирани од 2014 година, се наведува во пишаната изјава на министерот.
Според него, со помош на работната група ќе се надградат неажурираните со целосно нови упатства и тие ќе се ажурираат на една до две години, сѐ со цел да бидат во тек со научните новини.
– Почетокот на проектот за преведување и стручна редактура на овие упатства, е, најдобар доказ дека нашето здравство има лекари ентузијасти, кои се вложуваат за подобар здравствен систем, подвлекува министерот.
Медицината заснована на докази, како што пишува во соопштението, подразбира употреба на докази добиени со помош на научни методи во одредени делови на медицинската практична дејност.
– Медицината заснована на докази има за цел добивање квалитетни докази што информираат за ризиците и бенефитите од медицинскиот третман. Медицината заснована на докази подразбира разумна, експлицитна, издржана употреба на моментално најдобрите докази во донесувањето одлуки за грижата на секој пациент, се истакнува во соопштението на Министерството за здравство.