Здружението за Македонско-бугарско пријателство во рок од само неколку часа излезе со ново соопштение во јавноста предизвикано од манипулативниот и непрофесионален начин на којшто беше пренесено од одредени македонски медиуми претходното соопштение на здружението, во кое ги упатуваат Македонците кои поседуваат бугарски државјанства да се обратат до бугарските дипломатски претставништва во странство доколку им се јават проблеми во врска со новите измени на законот за државјанство донесени во Бугарија.

Од МБП велат дека тие не се институција која што може да даде или да одземе државјанство некому и подвлекуваат дека ниту се заканувале ниту имаат потреба да го прават тоа. Ви го пренесуваме нивното најново соопштение во целост.

„Почитувани, дозволете прво да се извиниме што мораме во краток рок, уште еднаш да се обратиме на овој начин, но, овојпат не е по наш избор. Имено, информациите од нашето последно соопштение до јавноста, беа предмет на манипулација, непрофесионализам и за жал злонамерност кај некои од медиумите во земјава. Сакаме веднаш да истакнеме, дека МБП ниту се заканува, ниту има потреба од нешто такво, ниту сега ниту во иднина.

Принудени сме на оваа реакција поради злонамерните и манипулативни новинарски прилози, кои можеби произлегуваат од личните предизвици на дел од менаџментот и новинарскиот колегиум на редакциите кои пласираа такви невистини.

Сакаме да бидеме јасни и повторуваме, Здружението „Македонско-бугарско пријателствo“ МБП, не е институција која некому дава или одзема. Во конкретниот случај, вашите колеги или претпоставени кои изразиле желба да се стекнат со државјанство на друга држава (во случајов од Република Бугарија) и притоа се одбиени, ги упатуваме да се обратат онаму каде што и ја повеле постапката. Неблагодарно е да ја злоупотребуваат својата позиција и јавниот простор и своите индивидуални проблеми и прашања, да ги решаваат тенденциозно и пристрасно“, стои во реакцијата на МБП.