Полицијата во Ираклион, на грчкиот остров Крит, уапсила 29-годишна жена за која постои сомнение дека им дала на своите деца, на возраст од 14 и 10 години, препарати со канабис во форма на желе бомбони.

По консумирањето, децата се чувствувале лошо и биле префрлени во Универзитетската болница во Ираклион, каде што биле хоспитализирани на детското одделение, објавува грчкиот весник „Катимерини“.

Директорот на болницата, Јоргос Халкиадакис, изјавил дека нивната здравствена состојба е добра.

Жената, која работи во хотел, наводно изјавила дека пронашла желе бомбони во хотелскиот простор и, мислејќи дека се обични слатки, им ги дала на децата.

Предметот на истрагата го води Пододделот за сузбивање и истрага на кривични дела во Ираклион.

Се очекува резултатите од истрагата да фрлат повеќе светлина врз тоа дали мајката ја кажувала вистината, а доколку е така, да откријат како бонбоните стигнале до хотелот и дали имало некакви пропусти во безбедносните процедури.