Владимир Перев
Да се биде младо момче на 12-13 години и да се живее во Прилеп, некаде во средината на педесетите години од минатиот век, значи да се носат во себе незаборавни спомени, особено во летните денови. Градот беше обвиен со некаква смеса на прашина и тутунски прав, преполн со опојни мириси, смеса од тутуни, летни плодови и малубројните цвеќиња низ маалските куќи. Младите во Прилеп тогаш (а и сега) претежо беа ангажирани со обработката на тутунот, а јас редовно одев во адвокатската канцеларија на татко ми, да помогнам околу чистењето, носењето вода и купувањето на елементарни нешта за канцеларијата. Саботата беше посебен ден. Во Прилеп во сабота е пазарен ден, пазарот е преполн, а прилепчани, сите ранобудни, уште до пладне ги празнеа пазарските тезги, така што некаде околу 13-14 часот животот во градот веќе замираше.
Канцеларијата на татко ми беше една мала прикрпена просторија, не поголема од десетина квадратни метри, стуткана меѓу леблебиџилниците на Смоквовци и Пајмаковци, поточно, земена под наем од Илија Пајмак, сопственикот на леблебиџилницата до нас. Улицата беше занетчиска, тука беа бербери, кондураџии, влачарницата на Бошко, а во задниот последен дел од улицата беше огромното здание, винскиот подрум, национализиран имот на Мате Бошко. Секоја сабота, после два часот попладне се собираше шаренолико друштво, пријатели на татко ми и долго седеа на муабет. Јас послужував, купував понекогаш слатки и внимателно слушав. Татко ми беше најстариот, близу до него по години беше Петре Спасески, па потоа се редеа другите, некои и помлади по дваесетина години од овие двајца, но сите веќе во зрели години. Сите знаеја да говорат турски, татко ми знаеше да чита и пишува со старотурскотото писмо, знаеше и француски, а некои од останатите, говоре по малку и германски. Пушеа сите освен татко ми и Петре Спасески, никој не пиеше алкохол и разговорот се водеше во задимена претрупана канцеларија, секогаш со мали шишенца газоза. Се говореше тивко и секогаш едните упаѓаа на другите во зборот, а упадите беа преполни со искричави мисли и прилепски досетки и мајтап. Редовно се говореше за минатото, за историјата и животните премрежја на присутните, но и на некои отсутни или починати. Кога се говореше за татко ми или за Петре Спасески, секогаш се употребуваше зборот “бугаринот“ и ќе се додадеше името, на пример, Рампо (за татко ми) или Петре, па потоа разговорот продолжуваше. Некои од присутните говореа за некого или за себе си како “македон-булгар“, секогаш со задршка меѓу двата збора и секогаш со иронична, потсмешлива, мајтапчиска нотка, толку присутна во прилепските говори и обичаи. Се говореше на прилепски дијалект, помешан со обилни бугарски и српски изрази за да се долови спецификата на кажаното, а многу често се преминуваше на цели фрази од турскиот или од германскиот јазик. Разликата во терминот “бугарин“ и македон-булгар“ ми остана во сеќавањето, еднаш го прашав татко ми што значи тоа, но тој по стариот обичај за воспитание на децата, само се насмевна, одмавна со рака и рече дека “тоа ќе ти стане јасно кога ќе пораснеш“…
Времето го направи своето. Татко ми, како најстар почина прв, канцеларијата се затвори, па неговите пријатели ги гледав на прилепскиот пазар, како стојат околу тезгите, играат дама, си прикажуваат и ја пијат неизбежната газоза. Јас заминав од Прилеп. Како се враќав дома на феријалните распусти, така бројот на татковите пријатели се намалуваше, веќе и не играа дама, само стоеја и си говореа. Веќе во моите зрели години, на една “пазарска средба“ го прашав остарениот чичко Димко, што значеша тоа со бугарите и македон-бугарите и каде е разликата. “Утре е недела, ми рече стариот Димко, дојди сабајле на пазаров, овде нема никој, ќе ти кажам нешто“. Утредента стариот Димко од внатрешниот џеп на сакото извади еден лист хартија превиткан на четири, го отвори и се зачудив од виденото: Голем црн печат на германскиот орел, во средината познатиот кукаст крст, напишан познатиот германски аусвајс и името на чичко Димко. Тоа било неговото право во ноември месец 1941 година да се качи на воз и од некое место во Германија, слободно да патува до Прилеп. На страната од листот, некој германски офицер со пенкало со некакво зеленовиолетова мастило ги напишал ракописно зборовите mazedon-bulgar го напишал неговото име, потоа офицерот се потпишал, ставајќи го и својот чин. Истиот потпис беше и на крајот на аусвајсот. “Јас и многумина од Македонија бевме резервисти-војници и офицери во југословенската кралска армија, ја почна својата приказна. По 7 април 1941 година и пропаста на Кралството Југославија, бевме воени заробеници во логорите низ цела Европа. Јас бев заробен во Војводина и бев во логор во Германија. Дојдоа бугарски дипломати и офицери, не изведоа нас македонците на страна, кажавме дека сме бугари од Македонија и ни дадоа аусвајси, пари и храна да се вратиме дома. Заначи, продолжи чичко Димко, татко ти беше бугарин оти беше бугарски учител и офицер, а ние бевме македон-булгар оти бевме воени заробеници, па така, со изјава ја стекнавме слободата на национална основа. Меѓу нас имаше и србомани, ама и тие се попишаа како бугари и си заминаа…не ме прашувај за сегашно време, некои од нас се променија, но ние од канцеларијата на татко ти си останавме бугари, а потсмевот и мајтапот кон нас зато што сме се “извлекле“го примавме како нормално “прилепско однесување“, ја заврши приказната стариот човек во веќе излитеното палтенце.
Требаше да поминат повеќе од педесетина години за конечно ја разберам димензијата на она што го нарекувавме македон-булгар. Во раце ми допадна книгата “Ослободувањето на бугарите од Вардарска Македонија-воени заробеници од бившата југословенска армија за време на Втората светска војна“. Книгата е издадена во Софија, во 2016 година, а во неа, на околу 500 страници, се содржани сите материјали кои ги поседува Воениот архив на Бугарија, поврзани со оваа проблематика.
Уште на 12 април 1941 година, Главниот штаб на бугарската армија издава заповед за уредување на списоците на „военноплениците“ со целосни и јасни инструкции:
Веднаш може и да се види пристапот на раководниот кадар на бугарската армија, по однос на националноста и вероисповеданието на пленетите војници. Ослободувани се сите, без разлика дали се македонци (или бугари како што се кажува официјално) или тоа се и турци кои се од Македонија. Ослободувани се сите.
Посебно внимание предизвикува и писмото на “кметот“ на Охрид кој се залага за ослободување на браќата Ефтим и наум Чуркови од Охрид, од кои едниот бил во болница во Атина, а другиот во логор за заробеници на Крит. Интересен е потписот на писмото. Потпишано од кметот на Охрид, Илија Коцарев. Тој е познат по својата трагична судбина. Цело време на војната тој го раководи градот, успева да го спаси од германската војска која сака да го запали Охрид, бидејки охриѓани кријат бугарски војници и не сакаат да ги предадат на германците по 9 септември 1944 година. По војната е затворен, обвинет за “национален предавник“ измачуван од удбашите во затворот Идризово, за непосредно пред смртта, веќе тешко оболен, да биде пуштен дома, да умре.
Потоа се редат молби и списоци со имиња на сите оние кои ги бараат своите најблиски по заробеничките логори низ Европа. Документите сами говорат:
Имало и такви случаи, македонските заробеници да биват прикривани или спречувани од српските офицери да се декларираат како бугари за да бидат ослободени.
Посебно се издвојуваат неколку писма со кои тогавашните кметови на македонските општини бараат бугарската држава да дејствува и за ослободувањето на албанците-граѓани на Македонија кои се наоѓаат во заробеничките логори. “Фашистичката“ бугарска власт речи си на сите им излегла во пресрет, па повеќето биле ослободени и вратени дома.
Покрај овие молби, наидуваме и на многубројни документи за неизбежниот Михајло Митев Апостолов, кај нас познат како генарал Михаило Апостолски. Кога човек ги чита бугарските архиви, не може да се ослободи од впечатокот дека македонците и бугарите се допишуваат и препишуваат само околу животот и смртта, затворите и кариерите на три “важни“ македонски личности: Лазар Кулишев(ски), Михајло Митев(ски) Апостолов(ски) и Павел Шатев. Човек никако не може да разбере, од каде им е тој мерак на бугарите и македонците да се занимаваат со животот, смртта, затворите и ослободувањата на овие три, навистина никому нужни персони. Цели архивски одредници, полни кутии со материјали има за овие тројца, плус и за Панко Брашнаров и од нив никој од читателите нити разбарал нити научил нешто паметно-само предавства, амбиции, молење и коленичење…едниот дури од турско време.
Потоа се редат списоци на градови и бројки на луѓе кои се бараат или треба да се вратат дома. Ги има и моите прилепчани, со список но и со фотографии. Да ги видиме:
Едниот е Кирил Џиџалев, а вториот е Благој Петров Беличанец.
Како што обично се случува во матни и воени времиња, имало и подлости. На пример, некои српски офицери ги обвиниле македонските воени заробеници дека се комунисти, па истите биле задржани на дополнителен распит во Загреб. Се интервенирало да бидат пуштени. Сепак, не сите биле, или не сите се чувствивале како македонски бугари. Ги имало и различни, а бога ми ги имало и со достоинство на војник и офицер. Таков е еден пример на мој сограѓанин, прилепчанец. Стева Миланова Велева, от ул. “Васил Крапчев“ бр 19 од Прилеп, бара, трча и моли, да се пронајде нејзиниот братучед, офицерот на Југославенската кралска армија и да се ослободи од заробеништво. Стигнува студениот, административен одговор: нејзиниот братучед, поручникот Христо Димитриев изјавува дека не сака да се врати и останува да биде воен заробеник во Германија.
Денес се сомневам дека некој се сеќава на таа жена, којзнае и какво име носи денес нејзината улица, но потегот на заробеникот, ако е израз на неговите убедувања, достоен е за почит.
Оваа 2021 година, година на Короната, се навршуваат 80 години од спасувањето на македонските воени заробеници од логорите на силите на Оската. Редно е да се потсетиме на хероите на тоа време, бугарските офицери и дипломати, како и тогашните функционери на Бугарскиот црвен крст и на многуте благотворителни организации на Бугарија, кои активно учествувале во помагањето и репатрирањето на македонските војници. Знам дека во Македонија нема да има чествувања. Ние македонците сме неблагодарен народ за многу нешта врзани со нашата општа историја со Бугарија. И бугарската национална политика не е многу подобра. Причините се јасни: ако кај нас србската агресија во политиката и образованието се обидуваше да ги затрие сите траги на бугарството во нашата национална меморија, прекриени со фалшивите идеи на едно фиктивно комунистичко општество, во Бугарија руската агресивна политика, прикриена под превезот на некаков интернационализам, ја обезличи бугарската 1300 годишна национална памет.
Баш заради тоа, чест и слава на бугарското царско офицерство и дипломатија за несебичните, искрени и братски напори во ослободувањето на сите македонци од воените логори на силите на Оската. Еден ден, во не така далечна иднина, се надевам дека државниците и офицерите на двете држави и армии, во еден достоен сојуз, ќе оддадат признание на заслужените.
Дотогаш само сенките на пријателите на татко ми, од зачадената адвокатска канцеларија, ќе се сеќаваат на племенитото дело, а некаде низ старите и заборавени ковчези полни со ненужни предмети, нивните потомци со пренебрежение ќе ги гледаат старите и пожолтени германски аусвајси со втиснатото mazedon-bulgar!