Стопанската комора на Македонија -Турција (МАТТО) застанува во поддршка на осигурителните компании, дел од кои нивни членки и значајни странски инвестиции во државата и изразува загриженост, за како што посочуваат, избрзаната одлука со која се лимитира делот за вршење на дејноста, односно трошоците и се воспоставува стопроцентна државна контрола над цените за автоодговорност.
Од МАТТО апелираат за објективна и непристрасна анализа на изнесените аспекти поврзани конкретно со тарифата за автоодговорност, која нема претрпено промени 15 години, а не носење на еднострана одлука.
-Повикуваме да се земат предвид сите аспекти од работата на осигурителниот бизнис, вклучително анализа поврзана со одржливост во делот на вршење на дејноста, досегашната инфлација како и проекција на инфлаторното влијание во наредните години како клучни аспекти за бизнис со долгорочни обврски од овој вид. Како стопанска комора, се залагаме цените да ги дефинираат пазарните услови, а не државата. Затоа сметаме дека анализите треба да бидат непристрасни, реални и професионални. Регулаторот треба да работи во насока на зацврстување на осигурителната индустрија и заштита на осигурениците преку креирање солидно ниво на солвентност и ликвидност кое секако доаѓа само преку профитабилно работење, се посочува во соопштението на Стопанската комора на Македонија-Турција.
Целта на оваа стопанска гранка, потенцираат од МАТТО, е да биде стабилна, одговорна, профитабилна и со тоа да помага во зголемување на стандардот, сигурноста и напредокот на економијата. Во спротивно, како што посочуваат, се создаваат услови за нестабилност во финансискиот сектор што би се одразило негативно врз целата економија.