Повеќе од сто илјади луѓе ширум Франција протестираа синоќа против планот на францускиот претседател Емануел Макрон да ги вакцинира здравствените работници и да го направи ковид сертификатот задолжителен документ при влез на места како кина и ресторани.
Макрон оваа недела најави мерки за борба против брзото ширење на инфекција со коронавирус, за која демонстрантите велат дека ја нарушува слободата на избор на оние кои не сакаат да бидат вакцинирани.
Според француското Министерство за внатрешни работи, 137 протести биле одржани низ целата земја, на кои се собрале околу 114.000 луѓе, од кои 18.000 во Париз.
Мерките на почетокот на неделата предизвикаа помали протести, а полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
“Секој е владетел на своето тело. Нема шанси францускиот претседател да има право да одлучува за моето тело”, рече една демонстрантка од Париз која се претстави како Кристела.
На протестите се придружија и т.н. „Жолти елеци“ кои бараат продолжување на антивладините протести кои беа запрени поради блокадата во коронската криза.
Премиерот Жан Кастекс за време на посетата на центарот во Англет, во југозападна Франција, рече дека вакцинацијата, која во моментот не е задолжителна за сите, е единствениот начин да се победи вирусот.
И покрај протестите, анкетата на јавното мислење, објавена во петокот, покажа дека повеќе од 60 проценти од луѓето ја поддржуваат задолжителната вакцинација на здравствените работници, како и дека бараат здравствени пропусници за некои јавни места.
Откако бројот на нови инфекции на ден се намали од 42 000 на помалку од 2 000, на крајот на јуни просечниот број на нови инфекции во Франција се искачи на близу 11 000 на ден.
Досега, околу 55,5 проценти од Французите примиле единечна доза на вакцина, додека 44,8 проценти биле вакцинирани со обете дози.