Криминална мрежа на познати кафулиња, пекарници, ресторани и други бизниси во Скопје и низ Македонија откриени како крадат струја, открива “КОД” во најновото издание. Од ЕВН за „КОД“ откриваат дека имало уред со кој се „замрзнува“ броилото и не ја евидентира потрошената струја, пренесува 24 Инфо.
Ваквиот уред не бил досега евидентиран при манипулација и кражби на броила, системот за далечинско управување на ЕВН веднаш алармира кога ќе се појават одредени отстапувања во потрошувачката. Од ЕВН додаваат дека уште од канцеларија знаат дали некој го манипулира броилото.
„Анализата на броилото ни дава точни технички параметри за тоа дали броилото е расипано или се работи за манипулација. Овој уред е многу софистициран и тешко се открива при обични контроли. За среќа, нашиот систем за далечинско управување веднаш алармира кога има одредени отстапувања во потрошувачката“ изјави Александра Костовска, раководителка на одделот за мерење на мрежа во ЕВН за емисијата „КОД“ која се емитуваше на ТВ Телма.
Според неа, инженерите на ЕВН можат преку детална анализа на податоците од броилото да утврдат дали станува збор за технички проблем или за намерна манипулација. Оваа акција на ЕВН покажува дека криминалците постојано развиваат нови методи за кражба на струја, но и дека енергетските компании преземаат соодветни мерки за да ги спречат.
За сите сторители на кражба на струја ЕВН поднел кривични пријави. Според законот, за ова дело се предвидени затворски казни до 5 години и парични казни за правни лица од 1500 до 15.000 евра. Јавното обвинителство активно работи на расветлување на овие случаи и гонење на одговорните.