Љубовта кон Македонија и традиционалната кујна се нејзината инспирација да ја формира фејсбук-групата „Вредни домаќинки ширум светот“ , во која членуваат над 90 илјади жени од целиот свет кои споделуваат свои рецепти и кулинарски искуства.
Марта Муреска (33) веќе осум години живее во Перт, Западна Австралија, со сопругот Никола и двете деца Мартин (15) и Софија (7), каде заминале во потрага по подобар живот. Но, носталгијата за родната земја останала, а денес со оглед на социјалните мрежи и можноста за полесна комуникација со семејството и пријателите, таа полесно се „лекува“.
Пред пет години водена од желбата да не се заборават македонските традиционални рецепти, меѓу Македонците во дијаспората, а и да се научат нови интересни јадења од други светски кујни, Марта ја формираше фејсбук – групата „Вредни домаќинки ширум светот“ во која членуваат над 90 илјади припаднички на понежниот пол.
– Почетната замисла за основање на групата ми беше дружба на нас жените низ целиот свет, воедно да си помагаме во она што за секоја жена е најтешко, а тоа е “што да се зготви за ручек” и да се надоградуваме меѓусебно во нашите кулинарски знаења и вештини. На почетокот почнавме само женски членови да примаме и ни беше пријатно што имаме свое тајно катче на Фејсбук во кое можеме да се релаксираме и дружиме, и до денес така остана. Иако денес преку интернет сè ни е достапно, сепак сите сакаме да видиме испробани традиционални рецепти, кои секојдневно се објавуваат и прикажуваат со фотографии. А воедно и се делат совети како некое јадење да се подготви поуспешно.
Вашата љубов кон готвењето од кога започна. По што ги паметите своите почетоци во кујната?
– Мојата љубов кон готвењето започна кога стапив во брак. А почетоците беа со многу грешки, еден куп фрлена храна и многу солзи.
Од кого најмногу научивте што се однесува до готвењето?
– Слободно можам да кажам дека сè што знам да подготвувам денес го имам научено сама со голема љубов и трпение. Најголема поддршка ми е сопругот, кој до сега никогаш не дал негативен коментар во врска со моето готвење
Вие и професионално, од пред два месеца, се занимавате со готвење. Нели ви è проблем да готвите на работа, па кога ќе дојдете дома повторно да застанете зад шпоретот?
– Работам во еден од најдобрите Италијански ресторани во нашииот град и сум среќна што можам и професионално да се занимавам со готвење, бидејќи уживам во тоа. Иако шест дена во неделата сум на работа, готвењето дома ми е задоволство и релаксација. И на крај кога ќе го споделам тоа со членките во групата, нема поубаво поминат ден во кујната.
Многу рецепти со убави фотографии ги споделувате и на инстаграм-профилот од групата.
– Да, за таму ги бирам најубаво зготвените, декорирани и фотографирани јадења од сите членки во фејсбук-групата, па ги споделувам. За време на празниците секогаш се трудам дома трпезата да ни биде полна со нашите убави македонски јадења и десерти, кои покрај убавиот вкус мора да се и убаво декорирани и послужени.
Експериментирате ли во кујната?
– Дома најчесто готвам македонски јадења, некогаш и италијански. Лично многу ја сакам турската кујна, па и вакви јадења готвам. Но, сакам често да експериментирам и комбинирам.
Дали Ви се случуваат грешки во кујната и како успевате да ги средите?
– Грешките се неизбежни, ама како што велат старите кој греши тој учи. Некогаш ми се случува да почнам да правам едно, а на крај да завршам со сосема друго јадење. Најважно е да не се фрли јадењето.
Како сакате да го минувате своето слободно време?
– Своето слободно време најмногу сакам да го поминувам во дружба со семејството. Понекогаш излегувам со пријателките на ручек или пак седнувам да прочитам некоја добра книга.
Дали некое од вашите деца ја наследува вашата љубов за готвење?
– Да син ми почнува по малку да се интересира за готвењето и понекогаш знае да нè изненади со вкусно спремен доручек. Ќерката сè уште е мала за во кујна, но, и таа знае да дојде и да ми помогне во некои поедноставни работи.
И за крај, со оглед дека сите нè мачи тоа прашање, со ковидот, каква е моменталната ситуација во Австралија?
– На наша голема среќа можам да се пофалам дека можеби сме единствениот град во светот каде што нема ковид веќе повеќе од една година, а сето тоа е благодарение на спремноста на нашиот премиер.