Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денес и утре ќе ја посети нашата држава. За време на нејзиниот престој, таа ќе се сретне со премиерот Мицкоски и ќе учествува на лидерскиот состанок ЕУ – Западен Балкан, кој во текот на следните два дена ќе се одржи во Скопје, а на кој ќе се дискутира за Планот за раст.
Еврокомесарката Кос со премиерот Мицкоски, ќе се сретне денеска попладне по што ќе следи и билатерална средба со останатите делегации. На лидерската средба е најавено присуство на лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.
Утре, на лидерската средба, ќе се одржат два панели, од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан, а на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција. Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за имплементација на Планот за раст.