Оваа сабота, на 2 август, нема да се одржи редовниот „Марш за ангелите“, во чест на младите животи трагично загубени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март годинава. Информацијата ја соопштија организаторите, во име на родителите и семејствата на настраданите млади.
Како што појаснуваат, одлуката е донесена поради одбележувањето на државниот празник Илинден, ден што симболизира борба за слобода, достоинство и единство.
„Веруваме дека овој ден заслужува тишина и почит, но и потсетување дека вистинската слобода доаѓа само кога има правда за невините, кога гласот на жртвите не е замолчен, туку чуен“, се вели во соопштението од родителите.
Тие истакнуваат дека иако овој викенд нема да маршираат, нивната болка, љубов и борба продолжуваат.
„Следната сабота повторно ќе бидеме на улиците – посветени, обединети и гласни – во име на сите што беа неправедно одземени. Ви благодариме за вашата поддршка и разбирање. Да бидеме достоинствени како нивната љубов и силни како нивниот спомен“, порачуваат родителите на трагично загинатите млади.
„Маршот за ангелите“ се одржува секоја сабота и претставува симболичен повик за одговорност, правда и сеќавање на жртвите од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“.