На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, кој бараше по скратена постапка да се стави на дневен ред предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, со што би се овозможило директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување.
„Како дополнување на дневниот ред барам да се стави предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување. Со ова законско предлог-решение се предвидува директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување и на овој начин ќе се овозможи Фондот да биде тужен орган во управно-судска постапка, осигурениците во својство на тужители во контрадикторна судска постапка да ги остваруваат своите права“, рече Марков и додаде:
„Ова е особено значајно затоа што во судската постапка може да се изведуваат вештачења како доказни средства, што не е случај во второстепената управна постапка, и на тој начин одлучувањата за правата на осигурениците ќе биде на брз и ефикасен начин со правосилни и извршни судски одлуки. Дополнително, во законското предлог-решение е предвидено одлуката по управниот спор да се донесе во рок од 30 дена, што не е случај за управно-судските постапки за другите области“, вели Марков.
Текстот Марков: Измените на Законот за здравственото осигурување ќе овозможат директна судска контрола на актите на ФЗО и заштита на осигурениците е превземен од МАКФАКС.