Маркетите отсега ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите, со најновите измени на Законот за заштита на потрошувачите коишто беа усвоени денеска во Собранието.

Законот беше поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што беше потенцирано, подобра информираност на потрошувачот и олеснување на споредливоста на цените.

Со тоа, големите, средните и малите трговци, кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47, во согласност со националната класификација на дејности, се должни на својата веб-страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна, односно единечната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба.

Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените, ќе се применуваат одредбите од овој закон за означување на цените.

Со објавувањето на цените на интернет се очекува зголемување на транспарентноста, потрошувачите да имаат лесен пристап до информациите за цените, како и фер конкуренција. Трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби, а потрошувачите да бидат заштитени од нефер практики, како што се скриените трошоци или нејасните цени.

Деновиве беше објавено дека законот е имплементиран во Израел, Италија, Франција и во Хрватска.