Шокантниот пораз на Реал Мадрид од 1:2 од третолигашот Алкојан во кралскиот Куп, ја одреди судбината на тренерот Зинедин Зидан, пишува „Марка“.
Зидан кој се наоѓа под голем притисок на навивачите и јавноста поради слабите резултати на Реал Мадрид сезонава, се чини дека со поразот од третолигашот си го потпиша отказот. Позицијата на Зидан дополнително му е разнишана бидејќи ова е трет неуспех во последните две недели. Во последните три натпревари Реал Мадрид одигра 0:0 на гости кај Осасуна, загуби од Атлетик Билбао со 1:2 во полуфиналето на Суперкупот и сега испадна од третолигаш во кралскиот Куп.
„Марка“ пишува дека на Реал Мадрид му остана само Лигата на шампионите каде може да ја освои титулата, додека минимални шанси има во Ла Лига бидејќи Атлетико Мадрид има четири бода повеќе и два натпревари помалку од „кралевите“. Според весникот, Зидан ја загуби довербата и во соблекувалната, играчите се почесто негодуваат на неговите одлуки како и за ладниот однос кон нив. Французинот речиси и да не комуницира со своите играчи, додека со резервистите никогаш немал комуникација.
Поради тоа, „Марка“ направи анкета на која учествуваа 29.000 фанови на Реал Мадрид, и 65 проценти од нив се изјаснија дека најдобро е Зидан повеќе да не седи на клупата.