Русија можеби е гласна, но НАТО е силен, изјави новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, по претседавањето со својот прв состанок на министрите за одбрана на алијансата во Брисел.
Тој ја критикуваше, како што рече, „сè понеодговорната реторика на рускиот претседател Владимир Путин“ и додаде дека членките на НАТО работат напорно за да обезбедат поддршка за Украина во текот на претстојната зима.
Руте, исто така, објави дека главниот фокус на министерскиот состанок на НАТО било добивање масовна воена помош за Киев, пренесува Ројтерс.
Во своето обраќање пред новинарите, тој зборуваше и за Молдавија и изјави дека Русија сака да го попречи европскиот пат на земјата.
Жителите на Молдавија в недела ќе излезат на гласање, каде ќе гласаат за претседателските избори и референдумот за ЕУ, што, според Ројтерс, е клучен момент во борбата меѓу Русија и Западот за иднината на оваа југоисточна европска земја.
Во денешната презентација Руте ги пофали романските власти и врховниот командант на НАТО за Европа, Кристофер Каволи за нивниот брз и ефективен одговор кога вчера неидентификуван објект навлезе во воздушниот простор на Романија.
– Ќе продолжиме да го зајакнуваме надзорот, да разменуваме информации и да ги координираме индивидуалните и колективните одговори – рече Руте, додавајќи дека алијансата ја поддржува Романија во решавањето на сите безбедносни предизвици.