Доколку Северна Македонија не го прифати францускиот предлог, Албанија ќе продолжи сама на патот кон европската интеграција. Мислам дека тоа е правилно, но се надевам дека тоа нема да биде потребно, изјави холандскиот премиер Марк Руте по вчерашната средба со албанскиот премиер Еди Рама.
Руте изрази оптимизам дека Северна Македонија ќе го прифати предлогот и нема да има потреба двете земји да се разделат на нивниот пат кон ЕУ, објавија албанските медиуми.
„За време на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, Европската унија ја потврди својата посветеност. Што се однесува до забелешката на Еди Рама потоа, мислам дека беше во право – средбата не беше успешна. Треба да направиме повеќе. Знаеме дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Албанија, работат напорно за влез во ЕУ и Албанија ја има целосната поддршка од Холандија. Овде, проблемот е Северна Македонија, а благодарение на напорите на Франција, има нов момент во пристапниот процес кој ја засега и Албанија, па двете земји, барем политички, се поврзани. Го поддржуваме францускиот предлог за отстранување на пречките што ги блокираат Северна Македонија и Албанија во процесот на пристапување. Предлогот дава решение за сите преостанати грижи“, нагласи Рите.
Тој истакна дека ЕУ ја поддржува Северна Македонија во нејзините следни чекори доколку го прифати францускиот предлог.
„Северна Македонија направи многу, го смени името. Се надеваме дека земјата ќе го прифати францускиот компромис, и ја повикувам да го стори тоа, бидејќи тоа е чесен компромис. Секој добива по нешто, секој губи нешто, но барем исходот е фер. Се надевам дека Македонија ќе се согласи и тогаш сите ќе можеме да чекориме рака под рака кон иднината“, додаде Руте.