Разделбата со телевизијата ѝ била драстична промена во животот, а екранот го замени со претприемништво. Можеби и вам ви фали на ТВ-екраните Марина Дојчиновска. Сега е претпиемачка, фокусирана на здравиот живот и на сè здраво што ни доаѓа со животот, а поздраво од љубовта, здравје.
Со 55 години, или таканаречените најубави години од зрелоста, веќе може да се зборува за некаква лична мудрост. Ми вели Марина. Некои работи добиваат на важност, вели, други потполно ја губат важноста. Селекцијата на луѓето околу нас е неминовна зашто учите својата сила да ја чувате за оние кои најмногу ви значат. Со 55 години, ми вели Марина, би требало веќе да научите да кажете секому тоа што треба, во вистинскиот момент. Го говорам тоа што го мислам, а го правам тоа што го говорам, ми рече Марина. И, толку ми зазуи тоа, што еве, го извлеков за „влез“ на нашиот разговор.
2020 година за сите беше тешка, новото нормално ни наметна дистанцирање и ограничувања, што ланската година внесе во твојот живот, на приватен и професионален план, и каков е твојот прв поглед на 2021 година?
– 2020 беше година што ги измести сите критериуми за „нормален живот“. Човештвото беше и сè уште е ставено во искушение како никогаш досега, соочувајќи се со невидлива опасност која демне над секого од нас подеднакво, без никакви правила, причина или повод. Во такви околност на колективно стравување за себе и за блиските, се менуваат и плановите и приоритетите, и системот на вреднување на нештата што го сочинуваат животот. Здравјето стана приоритет број еден, и сега ни станува јасно дека многу работи ја губат својата важност, пред првиот услов без кој не се може – да бидеш здрав, за да можеш да се радуваш на секој нов ден заедно со своите блиски. Затворањето дома, дистанцирањето и карантините ја оневозможуваат природната потреба да се видиш со пријателите онака како што си навикнал, ја сведува социјалната интеракција на основен минимум, но ако има добро во лошото – навистина мислам дека „воспитно-поправната“ мерка, дојдена одозгора, е лекција која треба да нѐ научи или да нѐ потсети колку сме кршливи и беспомошни како луѓе и како секој од нас посебно, кога станува збор за планетарна катастрофа и важи за сите подеднакво. Сакам да верувам дека почнува крајот на овој хаос… 2021 со почетокот го покажува тоа изразено во процентите кои сите, секој ден ги следиме. Посакувам тој тренд да се забрза и веќе со пролетта да почнеме да се враќаме во „новата нормалност“ со научена лекција.
Сосема ли се раздели со телевизиските ангажмани за да се посветиш на претприемништвото? Со какви предизвици се соочи во новата професија?
– Телевизијата ја одбележа мојата професионална кариера, и после 20 години на ТВ-екраните, разделбата беше навистина драстична промена во мојот живот – екранот да се замени со бизнис-секојдневие. Понекогаш ми недостасуваат студиските светла, не велам не – но секојдневно сè уште добивам сатисфакција, дека сум правела нешто правилно и важно за сите нас. Кога ми приоѓаат на улица луѓе што не ги познавам, за да ми кажат дека не пропуштиле ниту едно издание на „Македониум“, и дури запамтиле некоја јавно искажана мисла или актуелна дефиниција на реалноста во тој миг. Тоа вистински годи и многу е човечки да ве исполнува, а всушност тоа е тоа „јавно мислење“, кое ми е важно и кое дава за право да бидам задоволна од тоа што сум го правела. Во меѓувреме, во 2012 година ја основав мојата компанија – „Хунза Веда“ со една единствена цел – да се донесе маслото од Хималаите до Скопје. За изминативе седум-осум години, работевме на тоа најскапоцениот продукт од кралството Хунза – маслото од семка од кајсија, да стане достапно во скоро секоја аптека и продавница за здрава храна низ Македонија, но и пошироко во регионот. Бизнисот ве бара комплетно. Секојдневните предизвици бараат акција, а понекогаш и учење од сопствените грешки, во тој процес на метаморфоза кон претприемништвото. Не можам да ви ја опишам мојата среќа кога маслото „Хунза“ прв пат пристигна во Македонија, поминувало илјадници километри, хималајски патишта и седум мориња и планини, биле потребни стотина документи и процедури. Но на крајот сѐ тоа профункционирало и скапоцениот товар стигна на својата дестинација – Скопје. Првиот увоз на маслото „Хунза“ го сметав за своевиден подвиг.
Твојата прва средба со Хунзите, народ познат по долговечноста и здравиот живот, датира од 2005 година и до денес го сочува цврстиот контакт. Веројатно си запознаена како се справуваат тие со коронавирусот?
– Хунзите! Тие прекрасни луѓе, како од езотериска бајка… Мојата прва средба со нив, во 2005 година, заради својата фасцинантност го диктираше сето она што потоа следуваше, а резултираше со конекција која трае до денес. Најдолговечните луѓе на светов, живеат вообичаено околу 120 години, а жените раѓаат и на 65 години, ни ја дадоа на увид нивната филозофија на живеење – дека од овој свет треба да се замине заради старост, а не заради болест. Уште понеобична е културната матрица според која тие живеат – нема навреди, лаги, измами и кражби, а следствено на тоа, нема затвори. Но има блажени насмевки на нивните лица, респект и љубов кон секого и подготвеност да се дадат на увид тајните за долго и квалитетно живеење, според нивните древни рецептури и поглед кон денешнава современост. На пример, тие сметаат дека богатството на еден човек се мери според тоа – колку стебла кајсии има во дворот! Кајсијата за Хунзите е статусен симбол и најголемата скапоценост се златните капки на маслото, исцедени од семките на истите тие кајсии. Не е необично што луѓето таму го нарекуваат маслото течно злато, во случајов – најквалитетното течно злато на светов. Земјата на Хунзите како планетарен феномен за долговечност и здравје, досега беше позната во јавноста како „канцер фри“ зона. Во последниве месеци, откако трае пандемијата, тие се здобија со уште една ѕвездичка, опстојувајќи до денес како „корона фри“ зона. Она што го препорачуваат нивните лекари е почеста употреба на златните капки хунза масло, во текот на денот- особено при првите сигнали на кашлица или болка во грлото.
Што најде најимпресивно во жената Хунза и може ли да се спореди со Македонката, кои се контрастите и сличностите? Што можеме да научиме од оваа жена?
– Жените од Хунза се посебна приказна. За нив можам да раскажувам 1001 ноќ. Таква убавина, и внатрешна и надворешна, и духовна и овоземска – тоа ретко се среќава и мора да се почитува. Модел на жени каде што, можеби, биле генерациите на нашите баби, во меѓувреме, неконтаминирани од придобивките на западната „модерна цивилизација”. Личност како кралицата Рани Атика, е чест да познавате, а уште поголема почест е да се сметате за нејзина пријателка. Таа е ликот на денешна Хунза – отворена кон светот после многу векови, образовани генерации на момчиња, но и на девојчиња кои зборуваат англиски јазик, работилници и мали фабрики за брусење дијаманти и изработка на накит, во кои работат жени. Производството на златните капки Хунза масло е исто така плод на вредните женски раце, а рецептурата стара-престара, пренесувана со генерации од мајка на ќерка. Кралицата Рани многу често вели: „Не заборавај дека оваа приказна ја започнаа две жени – јас и ти“.
Колку често бегаш од градот, најчесто во мијачкото село Гари, во старата семејна куќа? Си размислувала ли некогаш да се посветиш на селскиот туризам имајќи ги за тоа сите предуслови?
– Гари е мојата омилена опсесија, особено последниве години, од кога започнав изградба на нова куќа. Старата семејна куќа на Дојчиновски, која датира од пред 100 години е сè уште наше собиралиште, но време беше за уште една нова, своерачно направена, што ќе остане и за идните генерации во наредниве 100 години. Гари е чудо на природата, таму е изворот на мојата енергија. Таков спокој на духот ми се случува само таму – каде што заспиваш со фреквенцијата на брзаците на реката под твојот прозор, а се будиш со славејчиња на изгрејсонце. Истовремено го обожавам чувството кога сум своја на своето, помеѓу своите! Тоа чувство го имам само во Гари – мојата татковина и мојата дедовина. Мојот син Дамјан е приврзан кон Гари со ист интезитет. Лани тој го фати крстот за Водици во Гарска река, а ние бевме кумови св. Јованови во текот на изминатата година. Заради пандемијата оваа година се одлагаат сите ритуални церемонии и останува да се надеваме дека до година ова време ќе бидеме во можност да ги продолжиме на вистински начин, со сите редови, со зурли и со тапани! Селскиот туризам сепак би останал алтернатива за некои идни времиња, ако син ми Дамјан одлучи куќите да ги претвори во хотели. Сега засега, Гари сакам да си го зачувам само за себе.
Ти пристигна ли љубовта како изненадување или како убава вистина? Ќе ни ја откриеш ли накусо средбата со Горан, првата емоција и првата мисла?
– Со Горан си ги разубавуваме животите еден со друг веќе шеста година. Се сретнавме двајца страсни светски патувачи, меѓу две патувања во Скопје. Потоа продолживме патувањата да ги планираме заедно и да ги споделуваме убавините на живеењето што ги носат зрелите години. Едно големо НЗС е нашата година на раѓање – генерација 1965, тоа носи генерациски сличности во резоните и погледот кон светот. Добро е кога на наши години ќе се сретнат двајца луѓе кои точно знаат што сакаат, реализирани во сите важни животни сфери, со расчистени сметки и платени фактури кон минатото. Тоа е предуслов за квалитетно функционирање на една врска. Короната ги одложи сите наши планирани патувања за лани, но затоа јас и Горан се посветивме на нашите градби – јас во Гари, а тој во неговото Владимиров. Последниве месеци главна тема ни се мајстори, плочки, цигли и бетони, но задоволството дека своерачно градиш на своето – татковото место е непроценливо чувство на задоволство и уште една наше НЗС и поклопување на проекциите.
Што денес како зрела жена очекуваш и бараш од љубовта, односно од партнерот?
– Со 55, или таканаречените најубави години од зрелоста, веќе може да се зборува за некаква лична мудрост. Некои работи добиваат на важност, други потполно ја губат. Селекцијата на луѓето околу вас е неминовна зашто учите својата сила да ја чувате за оние кои најмногу ви значат. Со 55, би требало веќе да научите да кажете секому тоа што треба, во вистинскиот момент, зашто ништо што останало нејасно не треба да ви го оптоварува малиот мозок, затоа инсистирате на јасност и гласност. Го говорам тоа што го мислам, а го правам тоа што го говорам! – ова стана моето животно мото, а тоа го барам и од другите околу мене.
Ја планираш ли блиската иднина за 2021 година, на емотивен и професионален план, и како таа изгледа?
– Изминатава година покажа дека многу планирање – не чини. Многу планови останаа да тапкаат во место чекајќи да заврши овој хаос со пандемијата. Непредвидливоста на месеците што следат не дава простор за какво било планирање и во скора иднина. Професионално – 2021 е година за заокружување на новиот проект на „Хунза Веда“, на кој работевме изминативе месеци – производство на козметичка линија од природни препарати, направени од масло Хунза како основа. А, приватно не би менувала ништо. Нека остане сè како што е, само без корона. Сите на број, и да се радуваме едни со други, тоа е се што сакам.