Вицепремиерот задолжен за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ вели дека е испратена работна верзија на Акцискиот план за правата на заедниците во Брисел, а патоказите ќе се разгледаат и ќе бидат усвоени кога за тоа ќе се создадат услови.
Како што информира денеска, земјава добила неколку циклуси на забелешки кои се вградени во текстот на двата патоказа.
-Испратена е една верзија на Акцискиот план која е определено дека не е конечна, туку дека е работна. Во моментот кога ќе процениме заедно, во комуникација со Брисел, дека треба да се испрати конечната верзија, ќе ја испратиме. До каде е усвојувањето, прашањето треба да се упати до државите-членки, тие се уште се во фаза на разгледување на овие документи. Јас ќе бидам во Брисел не оваа недела што доаѓа, туку наредната и ќе имам прилика да се запознаам повеќе со тоа што се случува, имајќи предвид дека и таму има тешки дискусии поврзани со усвојувањето на Планот за раст и генерално, со одлуките поврзани со проширувањето во овој период, пред европските избори. Верувам дека ќе тече како што тече за сите други држави, ќе се разгледаат патоказите и тогаш кога ќе се создадат услови ќе бидат усвоени. Во меѓувреме примивме и неколку циклуси на забелешки кои ги вградивме во текстот на патоказите. Влезени сме во тој дел во една нормална постапка, истакна Маричиќ.