Црна Гора и Северна Македонија делат иста цел и заедничка иднина – полноправно членство во ЕУ, констатираа вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и вицепремиерката за надворешни политики за ЕУ интеграции и регионална соработка на Црна Гора, Јована Маровиќ, на денешната средба во Париз каде и двајцата учествуваа во иницијативата „Балкански дијалози”.
Како што соопшти СЕП, двајцата разговараа на повеќе теми од заеднички интерес, со фокус на напредокот на двете земји во реформите и процесот на евроинтеграција.
– Северна Македонија и Црна Гора делуваат европски со иста цел – полноправно членство во ЕУ. Црна Гора е наш важен регионален партнер на патот кон европската интеграција, истакна вицепремиерот Маричиќ, кој вториот ден од работната посета на Париз го започна со средбата со Маровиќ.
Како што соопшти СЕП, на средбата Маричиќ и Маровиќ разговараа за европската агенда и регионалната соработка, потврдувајќи дека двете земји посветено работат на трансформација на општеството, градено врз европските вредности и стандарди и дека цврсто чекорат на вистинскиот пат. Маровиќ, се посочува, истакна дека иднината на двете земји е заедничка и иста – полноправно членство во Европската Унија.
Маричиќ на средбата ги потврдил одличните билатерални односи кои ги имаме со Црна Гора, кои постојано се развиваат и усовршуваат, а најави и дека соработката на полето на европските интеграции во следниот период ќе се интензивира.
– Од голема корист ќе бидат размената на искуства и добрите практики на Црна Гора во преговарачкиот процес, дополни Маричиќ.
Втор ден вицепремиерот Маричиќ престојува во работна посета на Франција, а во текот на денов ќе се сретне и со Изабел Думонт, политичката советничка за Балкан на претседателот Емануел Макрон.
Се очекува во фокусот на разговорите да бидат француската поддршка и можноста за напредок во нашите евроинтеграции, за состојбата во преговорите со Бугарија, за новите предизвици од воената агресија врз Украина и за клучните приоритети на Владата во реализирањето на европските реформи, посочуваат од СЕП.вг/лв/