Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ го осуди палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Според Маричиќ, ова претставува директен напад на односите кои ги градат и дијалогот кој го водат со соседна Бугарија.
-Изразувам жалење за денешниот инцидент во Битола. Ваквите мали провокации нема да ги победат искрената заложба и досегашниот труд, кои оваа влада ги вложи во враќање на дијалогот со Бугарија и враќање во нормала односите помеѓу двата народи, стои на Фејсбук профилот на вицепремиерот Маричиќ.
Тој посочува дека провокациите не носат добро никому, само ги разгоруваат националните емоции кај граѓаните од двете држави, кои штетат на соработката и добрососедските односи.
-Најостро го осудувам ваквиот вандалски чин и убеден сум дека овие мали провокации нема да ги победат искрената заложба и досегашниот труд кои ги вложивме во враќање на дијалогот со Бугарија и враќање во нормала односите помеѓу двата народи, додаде вицепремиерот за европски прашања.
Тој напомена оти верува во работата на надлежните институции и очекува брз епилог и адекватна казна за сторителот/сторителите.