Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, утре ќе учествува на седмиот годишен Форум на макро-регионалната стратегија на ЕУ за јадранскиот и јонскиот регион (EUSAIR), што ќе се одржи во Тирана.
Маричиќ, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, ќе биде дел од заедничкиот состанок на министрите задолжени за фондовите на ЕУ, членките на ЕУСАИР и министрите одговорни за ЕУ.
Вицепремиерот ќе биде говорник и на панел-дискусијата посветена на европската интеграција на Западен Балкан и Зелената агенда.
Во рамки на форумот, Маричиќ ќе оствари билатерална средба со заменик министерот за надворешни работи и меѓународна соработка во италијанското МНР, Бенедето Дела Ведова.
ЕУСАИР е една од четирите макро-регионални стратегии на ЕУ, покрај Стратегијата на ЕУ за регионот на Балтичкото море, која опфаќа десет земји: четири земји-членки на Европската Унија и тоа: Хрватска, Грција, Италија, Словенија и шест земји кои не се членки на ЕУ: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Сан Марино.
Општата цел на ЕУСАИР е да промовира економски и социјален просперитет и раст во регионот, преку подобрување на неговата атрактивност, конкурентност и поврзаност. Стратегијата исто така има за цел да придонесе за понатамошна интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
На годинашниот форум, Албанија ќе го предаде претседателството на Босна и Херцеговина.