Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во пораката до граѓаните по повод Европскиот ден на правдата напиша дека големиот број чекори што се преземаа за реформа за судството даваат резултати.
Според министерот, владеењето на правото нѐ засега сите нас и затоа никој не сака да живее во државата каде што правдата не е достапна или таа е само за привилегираните.
„За Владата и Министерството за правда ова е апсолвирано прашање и затоа изминатите години навистина вложивме многу време и енергија во менувањето на сликата за судството“, потенцира министерот, кој потсети дека извештаите на Стејт департментот и последниот на Европската комисија нотираат континуиран напредок во правосудството.
„Денеска, кога се одбележува Европскиот ден на правдата, сакам да ви порачам дека Министерството за правда и Владата продолжуваат уште посилно да работата за модернизација на судството, што веќе резултира со зголемена транспарентност и ефикасност. Дозволете ми да ве потсетам дека само за една година успеавме да ги намалиме судските такси за 8 пати, успешно спроведовме попис, ги дигитализиравме услугите за граѓаните, донесовме нов Закон за заштита на личните податоци, со кој се гарантира поголема дигитална безбедност за граѓаните, направивме измени на Кривичниот законик и на тој за граѓанска одговорност, со кои заштитата на новинарите сега е на многу повисоко ниво. Воведовме нови кривични дела, како ‘Демнење’ и ‘Полово вознемирување’. Почна филтрацијата во судството и досега 16 судии се разрешени поради пропусти во работењето. Обезбедивме меѓународен мониторинг на судските случаи за висока корупција и организирани криминал. Зголемени се платите на судската полиција. Постигната е договор за етапно зголемување на платите на судиите и судската администрација. Се разговара и со обвинителите. Министерството за правда се отвори за средношколците, кои сега тука извршуваат практична работа. Се реконструираат повеќе затвори. Го отворивме ‘Волковија’ – најмодерниот воспитно-поправен дом во регионот. Затворската полиција добива нови униформи и ова навистина е само дел од работите што успеавме да ги направиме за една години“, напиша Маричиќ.