Работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија се мерки за градење на доверба и промена на атмосферата, во услови кога имавме силна наелектрилизираност изминатите години, особено во Бугарија, каде што имаа избори, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде дека сета таа атмосфера на остри изјави и постојана предизборна реторика мора да се смири со повеќе теми, кои ќе ни покажат дека нашите односи не се сведуваат само на историските теми.
– Не бегаме од отворените прашања. Ги знаеме темите и разговараме на нив. Исто така ги знаеме и позициите. Нашите позиции се водени од декларацијата изгласана во Собранието и врз основа на таа декларација влегуваме во разговорите со Бугарија за сите отворени прашања, кажа Маричиќ.
Вицепремиерот рече дека јавноста се информира за сите постигнати договори од разговорите со Бугарија, како што беше тоа за дипломатската нота испратена до Обединетите нации.
Маричиќ, меѓу другото, рече дека нашиот процес на пристапување во ЕУ не може да заврши во краток временски период.
– Во споредба со другите држави досега, процесот не одел пократко од 4 до 5 години. Србија и Црна Гора веќе 10 години се во преговарачки процес и не е на повидок да биде завршен. Ние само бараме веднаш да ги почнеме преговорите, вели Маричиќ.
Вицепремиерот додава дека новата методологија на иницијатива на Франција е усвоена и таа дава гаранции дека тие кои се залагаат и работат на реформите ќе одат напред, а ако заостануваат ќе се враќаат назад.
– Нашето досегашно искуства кажува дека секогаш кога држава членка сакала да блокира држава кандидат, тоа и успеала на еден или друг начин. Со нова методологијата, земјите имаат поголема моќ, информира Маричиќ.