Министерот за европски прашања Бојан Маричиќ упати честитки до Заводот за статистика и до сите инволвирани институции во пописот, заради неговото успешно спроведување.
„Мислам дека треба да се честита на Државниот завод за статистика и на сите институции, кои што земаа учество, заради тоа што успеавме после 20 години неуспешни обиди, да го извршиме пописот до крај и да се објават резултатите кои што ја отсликуваат реалната слика“, изјави Маричиќ во емисијата „Дебати“ на ТВ Шења.
Маричиќ додаде дека во резултатите е прикажано се што е утврдено на терен и во податоците во девет регистри преку комбиниран модел.
„Јасно е дека пописот беше успешен. Толкувањето на резултатите, зошто се такви какви што се допрва ќе се анализира. Ќе биде жалосно и штетно, ако некои политички партии, пробуваат да го политизираат пописот и да го користат како алатка за дигање на политички тензии, особено меѓуетнички тензии“, изјави Маричиќ.