Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ упати честитка по повод одлуката на Српската Православна Црква за прифаќање на афтокефалноста на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.
– На денот кога ги славиме Светите браќа Кирил и Методиј рамноапостолни, се потврди вековната вистина на нашиот македонски народ. После 55 години, сплотеноста е повторно онаа која ни дава мир и сила за да продолжиме напред. Со денешната радосна вест се прекршува долгогодишната изолација со која се соочуваше Република Северна Македонија. Со денешното радосно решение, МПЦ – Охридска архиепископија станува неискоренлив дел во евхаристиското служење, општење и причестување со својата јерархија, клирот и народот, во големото трло на Православието. Со денешната вистина, се потврди автокефалноста на МПЦ – ОА, напиша Маричиќ на „Фејсбук“.
Во фејсбук статусот, вицепремиерот Маричиќ нагласува дека негувањето на политиките на добрососедство и меѓусебното почитување носат решенија, единство и просперитетна иднина.