„Нашите позиции во разговорите со Бугарија се определени од Резолуцијата во Собранието, каде што Владата доби јасна задача да се држи до заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и да изнајде достоинствено решение“ изјави вицепремиерот за европски прашња, Бојан Маричиќ за Македонско радио.
Тој додаде дека со цел остварување на тоа, но и на почеток на преговорите со Европската Унија треба да се искористат овие недели и месеци за отворање и обид за затворање на сите теми.
„Наша цел е да имаме сеопфатен договор, каде јасно ќе се определат обврските од двете страни и ќе бидеме сигурни дека чекорите што би ги направиле ќе доведат до кревање на ветото“ рече Маричиќ. Вицепремиерот изјави дека членството во ЕУ и НАТО е од наш интерес, бидејќи функционирајќи во тие системи на безбедност, сигурност и развој на економијата, го подобруваме нашиот живот и помагаме граѓаните да останат тука, наместо да бараат пасоши од други држави за да работат во ЕУ.