Иднината на нашата земја и на целиот регион е европска и сметам дека е време да се потврди тоа. Северна Македонија вложи надчовечки напори и успеа да покаже дека е доверлив партнер на ЕУ и дека не ја менува својата политика преку ноќ, дури и кога нашиот макотрпен труд не е валоризиран и не оди во прилог на политиката на проширување“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на прес-конференцијата по средбата со сојузната министерка за ЕУ на Австрија, Каролине Едштадлер.

Тој додаде дека очекува и Европската Унија гласно да ги потврди нејзините интереси за обедиување на европскиот континет и после долг период да ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан, кои повеќе од една деценија чекаат пред портите на ЕУ.

„Во овие тешки времиња кога мирот, стабилноста, безбедноста и демократијата се доведени во прашање, обединетоста на Европа добива уште поголемо значење. Сите заедно мора да размислуваме за иднината и да не оставиме простор за нарушување на кредибилитетот на Европската Унија, европските вредности и идеали“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот изјави дека оваа година е пресудна за иднината на ЕУ и на Западниот Балкан, кој нема друг пат освен европскиот.