Вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за порталот Нова.тв зборува за резултатите од последната рунда разговори кои минатата недела се одржаа меѓу работните групи во Софија. Следната рунда разговори е закажана за средината на април во Скопје.

– Со воспоставувањето на новата методологија за секторска соработка, можам слободно да кажам дека напредокот меѓу Скопје и Софија од јануари до сега е постојан и интензивен. Во четвртокот во Софија разговаравме и договоривме нови конкретни соработки во рамки на работната група за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото. Станува збор за исклучително важни заеднички чекори кои договоривме да ги преземеме заеднички и кои од една страна ја забрзуваат нашата реформска агенда, а од друга страна носат конкретни придобивки во секојдневното живеење и на македонските и на бугарските граѓани.

Во овој процес, особено е важно и тоа што во време на криза сме на иста страна, сојузници кои споделуваме стратешки позиции, две држави кои сме на страната на мирот, дијалогот, стабилноста и безбедноста. Јас сум уверен дека напредокот во соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија значи и нов извор на стабилност и можности кои извираат од срцето на Балканот во услови на голема глобална, европска, економска и воена криза.

На последната средба потпишавме меморандуми за конкретни соработки меѓу двете државни пошти, како и двегодишна Програма за спроведување на Договорот за соработка меѓу  двете министерства во областа на животната средина и управувањето со водите, потпишана 2019 година, а дефиниравме идеи и можности за соработка на полето на борбата против корупцијата, граѓанскиот сектор и развивањето прекугранични електронски услуги за граѓаните.

Работиме со брза динамика и затоа се договоривме следната работна средба да биде во Скопје, на почетокот на април, со завршени обврски кои произлегуваат од средбата во Софија.

Ваквиот начин на работа покажува дека владите на двете држави одржуваат редовна конуникација, брзо ги завршуваат задачите што сами си ги задале и со тоа обезбедуваат напредок во соработката и градењето доверба и конкретни придобивки за граѓаните, што всушност беше и целта за нивното формирање.

Мислам дека што поголема успешност имаме од работата на секторските групи, толку полесно и побрзо ќе се надминуваат отворени политички прашања, а тоа директно води кон почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, вели Маричиќ.