Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска пред идните дипломати од Сојузна Република Германија, кои во моментов својата обука ја реализираат во нашата држава, ја истакна важноста и улогата на дипломатијата во зајакнувањето на довербата и соработката со цел градење посигурна иднина.

– Дипломатите имаат посебна одговорност кога станува збор за зајакнување на довербата и дијалогот, како и должност да работат на воспоставување нов механизам за комуникација меѓу државите и народите, во согласност со новите глобални околности. Ако работиме заедно, не можеме да загубиме, можеме само да победиме, кажа вицепремиерот Маричиќ пред младите дипломати.

Тој посочи дека во време на големи политички турбуленции и промени во меѓународните односи, потребно е младите да се запознаат со случувањата околу себе, со политичките предизвици со кои се соочуваат земји и накратко се осврна на текот на евроатлантската интеграција на земјава, посочувајќи дека Договорот од Преспа е вистински пример како со дипломатија, добра политичка волја и примена на европски вредности може да се реши секој спор, секое прашање, а билатералните односи да се зајакнат во насока на пријателство и соработка.

Вицепремиерот Маричиќ на идните амбасадори, министри за надворешни работи, млади лидери кои ќе имаат шанса да придонесат за градење подобар свет за сите луѓе и сите народи, им посака добар престој во Скопје, успешна обука и успешна дипломатска кариера по завршувањето на обуката.