Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ присуствуваше на работен ручек во организација на амбасадорите на земјите од Вишеградската Група (В4).
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Маричиќ на средбата со амбасадорите на Полска, Унгарија, Словачка и на Чешка ја изразил благодарноста кон Вишеградската група за активното залагање за политиката на проширување на ЕУ, особено кога станува збор нашата земја и посочил дека Северна Македонија со отпочнувањето на преговорите со Унијата во голема мера ќе се потпира на искуството и помошта на овие четири земји, како и досега.
– Амбасадорите на В4 сметаат дека е потребна поголема динамика во процесот на проширување на ЕУ, бидејќи тоа е најдобриот механизам за постигнување стабилност и просперитет на Западен Балкан. Тие посочија дека В4 ќе продолжи активно да ја поддржува Северна Македонија во процесот на пристапување, имајќи ја предвид посветеноста на нашата земја за спроведување на реформите и усвојување на европските вредности и стандарди во сите области важни за благосостојбата на граѓаните, наведуваат од СЕП.
Вицепремиерот со шефовите на дипломатските мисии на земјите од Вишеградската група разговарал и за начините за понатамошно подобрување на конструктивната и континуирана соработка меѓу Северна Македонија и членките на В4, за новиот пристап во разговорите со Бугарија, како и други важни прашања од регионалната и меѓународната политика.