Денес, во насока на продолжување на соработката на Секретаријатот за европски прашања со високообразовните установи и поддршката на младиот кадар во подготовката за учество во евроинтеграцискиот процес, заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ потпиша меморандум за соработка со Проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

– Младите се тие кои ќе продолжат да ја градат европската иднина на земјава, затоа е клучно да им се овозможи квалитетно теоретско и практично знаење е од интерес на евроинтеграцискиот процес преку заедничка соработка, рече вицепремиерот Маричиќ.

Имајќи ја предвид природата на процесот на европска интеграција со усвојување на европското законодавство во претпристапниот период, како и во текот на водењето преговори за членство во ЕУ, Маричиќ и Георгиевски истакнаа дека стручниот кадар правници кој ќе излезе од Правниот факултет неопходно е да има одлично познавање на прашањата поврзани со Европската Унија. Во тој контекст посочија дека е клучно преку образованието да се создава кадар кој ќе биде подготвен и ќе придонесе во реформите, особено во борбата против корупцијата и владеење на правото, со оглед на тоа што тие се главните области во кластерот Темели кој се отвора прв на стартот на претпристапните преговори, но е и кластерот кој последен се затвора.

Секретаријатот за европски прашања континуирано соработува со научната јавност и високообразовните институции во земјава и во странство, овозможувајќи им на нашите студенти да се подготват со знаење за Европската Унија и да бидат подготвени да учествуваат во процесите за европска интеграција, но воедно овозможувајќи и едукација за администрацијата за надградба на знаењата од областите на ЕУ.​