Сите заедно треба да покажеме дека визијата и желбата да ја направиме Северна Македонија држава членка на ЕУ до 2030 година е реална и поважна од се кога е во прашање нашата иднина, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ од Владата.

Говорејќи за текот на скрининг процесот, Маричиќ информира дека скринингот е во напредна фаза и се одвива онака како што било предвидено според календарот заеднички утврден со Европската комисија.

– Успешно го заокруживме клучниот, темелниот кластер „Фундаментлни вредности“, а од понеделник ги започнуваме билатералните скрининг состаноци за три поглавја – право на основање и слобода на давање на услуги, право на трговски друштва и право на интелектуална сопственост, сите три важен дел од Кластерот „Внатрешен пазар“, вели Маричиќ.

Со скринингот, како што посочи, добиваме прецизна аналитичка презентација на состојбата во однос на усогласеноста на нашето законодавство со европското, но истовремено ги нотираме и недостатоците и ги дефинираме следнните задачи на кои ќе треба да работиме наредниот период за да ги постигнеме европските стандарди во догледен период.

– За првиот кластер ќе бараме скрининг извештајот да биде доставен до нас најдоцна до крајот на наредните три месеци, до почетокот на пролетта, бидејќи тоа ќе ни помогне во подготовката на клучните три документи до нашето членство во ЕУ – патоказот за владеење на право, патоказот за реформа во јавната администрација и патоказот за функционирањето на деморкатски институции кои се услови за отварање на првиот кластер. Дополнително во рамки на патоказот за владење на правото ќе треба да подготвиме и акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со конкретни мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и право на образование, информира Маричиќ.

Додаде дека во координација со делегација на ЕУ подготвуваат реформски план за оваа година до наредниот извештај кој ќе ни обезбеди исполнување на клучните реформски приоритети во текот на 2023 година. Како што истакна, пред нас е долготраен, масовен, комплексен и многу значаен процес од повеќе апсекти.