Тензиите меѓу Северна Македонија и нејзиниот источен сосед Бугарија, кои ја блокираат кандидатурата за членство на Скопје во ЕУ, би требало „природно да се намалат“ по изборите на 4 април во Бугарија, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за „Еуроактив“.
Со интензивен дијалог по бугарските избори, Маричиќ во интервјуто нагласува, дека може да постигнеме договор ако имаме вистинска подготвеност и волја за тоа … и ако бараме решение што ќе се заснова на меѓусебно почитување, на рационалност, на европски вредности и на модерните концепти од 21 век.
На прашањето дали е добра стратегија да се чека исходот од гласањето, со оглед на тоа што се чини дека во Бугарија има меѓупартиски консензус за ветото против Скопје, Маричиќ рече дека Северна Македонија треба да види кој е нејзиниот партнер во преговорите.
Еуроактив, посочува дека земјата два пати побара екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, но со мал успех.
– Тогаш, кога се случи ова, се согласивме дека и покрај силните разлики што ги имаме за овој конкретен случај, тоа нема да им наштети на нашите општи релации и можам да ве уверам дека досега тие односи беа на високо ниво, вели министерот Маричиќ за „Еуроактив“.
Во интервјуто Маричиќ, нагласува дека земјата е многу свесна за важноста на слободата на медиумите, и дека учи од времето кога Груевски беше на власт, и дека „затоа сме многу внимателни во однос на тоа што можеме да сториме и како ја следиме ситуацијата со медиумите финансирани од унгарски компании“.
– Значи, на ова не му пристапуваме со предрасуди. Бидејќи секоја странска инвестиција е добредојдена, без оглед дали доаѓа од Унгарија или од која било друга земја. Но, се разбира, тоа треба да биде во согласност со сите закони, вели Маричиќ за „Еуроактив.“
„Еуроактив“ потестува дека владата во Скопје се подготвува да одржи национален попис, прв по 19 години, откако последниот обид беше откажан по огромните политички реакции во 2011 година.
– Она што е различно овојпат е дека пописот е целосно спроведен од експерти, а не од политичари, рече Маричиќ, посочувајќи дека пребројувањето ќе ги исполни стандардите на заводот за статистика на ЕУ, Евростат.
Во однос на критиките од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски дека околу 130 илјади Бугари, немаат право да се декларираат како Бугари на претстојниот попис, Маричиќ вели дека „е кажана очигледна невистина дека Бугарите нема да можат да се регистрираат на пописот, напротив, сите етнички групи… ја имаат истата шанса“.
На пописот од 2002 година, само околу 1.500 луѓе од два милиони се изјасниле како Бугари.
Според Маричиќ, „многумина или повеќето од овие луѓе кои земале бугарско државјанство го сториле тоа од претежно економски причини затоа што тоа им дава шанса да работат во странство, во Европската Унија, без никакви посебни одобренија или лиценци“.