Продолжува скринингот во Брисел за Северна Македонија. Вицепремиерот Бојан Маричиќ, како главен преговарач со ЕУ со тимот е во Брисел. На ред е скринингот кој за прв пат се воведува, а тоа е “Функционирање на демократските институции”.

-Денеска го следиме скрининг состанокот за уште една област што првпат се воведува во пристапните преговори – „Функционирање на демократските институции“, која е од суштинска важност за секое демократско општество и основна вредност врз која е основана и врз која функционира Европската Унија.

Реформските процеси не се само за воведување нова легислатива, туку и за промена на менталитетот и стилот на владеење. Знаеме и имаме искуство за тоа колку е важно владеењето на правото, како и тоа да имаме независни и ефикасни институции кои го гарантираат истото.

Северна Македонија постигна огромен напредок во изминатите години, особено во однос на владеењето на правото, со што успеавме да одговориме на назадувањето со кое се соочувавме, да ја вратиме демократијата со градење силни и функционални институции кои работат на принципите на отчетност, транспарентност и инклузивност.

Пред нас е тешка задача која бара максимална посветеност на реформската агенда која ќе помогне да постигнеме уште поголем напредок во оваа важна област, порача Маричиќ од Брисел.