На својот фејсбук-профил Бојан Маричиќ, заменик на Претседателот на Владата за европски прашања го честиташе празникот Св. Трифун, нагласувајќи ги придобивките кои ќе ги имаат лозарите и производителите на вино од влезот на Северна Македонија во ЕУ.

– Северна Македонија е синоним за вкусно грозје, реномирани винарии и врвни македонски вина, кои се најдобрите македонски амбасадори во Европа и светот. Имаме плодна земја која мајсторите на својот занает знаат да ја искористат. Лидери сме во искористеноста на ИПАРД Програмата, финансиска поддршка која ЕУ ја дава за македонските земјоделци и која ќе продолжи и во периодот 2021-2027 година, преку ИПАРД III, чиј буџет изнесува 97 милиони евра, напиша Бојан Маричиќ на својот фејсбук-профил.

Маричиќ истакна дека сите клучни закони од областа на земјоделството и храната се усогласени со европското законодавство и се врши нивно редовно изменување и дополнување во насока на доусогласување, што е потврдено и од страна на Европската комисија во годишниот Извештај.

– Почетокот на преговорите со Унијата значи подготовка за користење на сите предности кои ги носи членството, во областа на вино и храна.
Ќе бидеме дел од Европската економска зона и дел од единствен пазар меѓу државите членки на ЕУ, со што ќе се овозможат нови пазари и ќе се понудат нови можности за македонските производители, додаде тој.

Во својата објава се осврна и на македонското земјоделство каде потенцираше дека моделот на ЕУ ќе биде поттик за македонските земјоделци, бидејќи постојат механизми за поддршка на малите фарми.

– Важно е што ЕУ не го ограничува развојот и зголемувањето на производството, како што често може да се слушне во јавноста, туку напротив ја поддржува конкурентноста на производителите и воведувањето на стандардите на ЕУ, а во исто време инсистира на регионална соработка. Ќе регистрираме и заштитуваме традиционални македонски земјоделски производи. Македонската храна и вино ќе бидат 100% безбедни и сигурни и конкурентни на европскиот пазар. Го честитам празникот Св.Трифун на сите верници кои го чествуваат, а на лозарите им посакувам богата жетва и квалитетно, врвно вино на европскиот пазар, што ќе е гордост за секој од нас. Нека е многу години, напиша Маричиќ.