Во рамките на работната посета на Љубљана заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ оствари средба со државниот секретар за европски прашања, меѓународно право и заштита на интереси при Министерството за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Марко Штуцин.

На средбата, вицепремиерот Маричиќ се заблагодари на континуираната искрена поддршка што Словенија ја дава на Северна Македонија во евроинтегративниот процес и нејзината силна заложба за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

– Мораме многу високо на агендата да ја држиме темата за Западен Балкан, европската перспектива на регионот е во интерес и на стабилноста на ЕУ, рече Маричиќ додавајќи дека очекува процесот на уставни измени да биде успешен и ќе го одржиме континуитетот на процесот на преговорите со ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ го информираше за статусот на скинингот и процесот на уставни измени. Во таа насока Штуцин посочи дека сега за Северна Македонија времето е важен фактор и дека до крајот на годинава мора да направиме нов напредок кон ЕУ, за што Словенија стои на располагање да помогне во забрзувањето на реализацијата на реформите.

– Безрезервната поддршка која ја дава Словенија на евроинтегративниот пат, преку континуирана политичка, но и техничка поддршка во спроведувањето на реформите е силна потврда дека ги вреднува нашите напори и заложби да успееме во процесите кои сме ги започнале, посочи Маричиќ на средбата.

Соговорниците укажаа дека традиционалното пријателство на двете земји и народи е сигурна основа за натамошен развој на билатералните односи и сеопфатната соработка, во заемен интерес.

Маричиќ во Љубљана оствари средба и со поранешниот евроамбасадор во Северна Македонија, Самуел Жбогар, на кој разговараа за актуелните меѓународни теми и уставните измени. На пријателскиот разговор со вицепремиерот, Жбогар кој е одличен познавач на состојбите во нашата држава, но и на регионот посочил дека моментум постои и дека охрабрувачката реторика од ЕУ е реална и треба да се искористи за напредок кон ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања со државниот секретар за политички и мултилатерални прашања, економска дипломатија и развојна соработка, при Министерство за надворешни работи и европски прашања, Жбогар, разговараа и за развојната соработка што Северна Македонија ја има со Словенија и можноста за унапредување поддршката за реализација на реформската агенда.