Евроинтегративниот процес, билатералната развојна помош што Кралството Шведска и ја дава на Северна Македонија и стратешките цели на двете држави, биле теми на разговор на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со шведската министерка за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Маричиќ на средбата посочил дека посетата на Росвал за време на шведското претседавање со Советот на Европската Унија, е од голема политичка важност за нашата земја, укажувајќи дека заложбата на Шведска за проширување на ЕУ е важна и за нашиот напредок во процесот на преговори.
Соговорниците оцениле дека Шведска континуирано дава поддршка на европскиот пат на Северна Македонија и има голема улога во напредокот на реформската агенда, но дека сега е најпотребно да се задржи Северна Македонија на европскиот пат.
– Шведска е наш вреден партнер, политички, развоен и финансиски поддржувач на патот кон ЕУ. Постојаната поддршка што Шведска ја дава на нашата држава во евроинтегративниот процес ја докажува важноста на сојузништвото и партнерство меѓу двете земји, истакнал Маричиќ.
Росвал посочила дека Шведска продолжува да дава континуирана поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, преку остварување на целите дефинирани со Стратегијата за реформска соработка 2021-2027 година, но дека останува на нас да ги спроведеме домашните задачи и обврски што произлегуваат од Преговарачката рамка, со заеднички консензус околу прашањето за европската перспектива на земјата. Росвал нагласила дека политичкиот моментум за проширување на ЕУ треба да се искористи и да се направи нов исчекор кон ЕУ.
На средбата, како што се наведува во соопштението, е разговарано и за модалитетите и насоките на развојната соработка, како една од целите да ѝ се помогне на Северна Македонија да се приближи до Европската Унија.
-Маричиќ се заблагодари на Росвал за шведската поддршка во обезбедувањето финансиска помош за постигнување на реформски резултати во клучни области како владеење на правото, демократски институции, слободни медиуми, економијата и во борба против корупцијата, се наведува во соопштението.
Маричиќ со својата колешка од Шведска остварил и тет-а-тет средба на која било разговарано за важни теми и процеси што треба да го придвижат регионот кон ЕУ.
Росвал во рамки на нејзината официјална посета на Скопје ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Министерката за ЕУ и Нордиска соработка посетата на Скопје ја реализира на покана на вицепремиерот Маричиќ, кој неодамна беше во посета на Кралството Шведска. Од Скопје, шведската делегација заминува за Тирана каде министерката Росвал ќе оствари средби со високи државни претставници.