Мариа Дуда e менаџерка, хуманистка, жена од акција. Македонка која живее во САД, но моментно е тука, и не пропушта ниеден миг да не го искористи во организирање хумани акции. Успешно го води њујоршкиот бренд за спортска облека „DiBiaggio New York“, а многу од парчињата се дизајнирани токму од неа. Во големото срце на оваа девојка има љубов и за луѓе, ама и за животни, често ќе ја видите во друштво на коњите, кучињата, мачиња…
Од САД дојде во Македонија и си најде полни раце работа во хуманитарни цели. Што најмногу те направи горда во досегашните остварени хумани акции?
– Најмногу ме исполнува кога ќе видам среќни лица и за момент ќе им бидат заборавени проблемите што им ги носи животот. Веќе со години наназад организирам Розева трка со невладината организација „Pink Support Mk“ за маргинализирани групи на граѓани, а самиот спорт го користиме за да се истакнат проблематиките на овие групи и заедно да се вклучат со сите луѓе на настанот. Нема да ги заборавам учениците со оштетен вид кога истрчаа еден километар на нашиот прв настан во 2014 година во Скопје. Тоа е нешто на кое сум бескрајно горда.
Хумани ли се граѓаните на Македонија? Брзо ли се организираат? Дали се само акции на самоорганизација или сепак, и државните институции имаат слух за граѓаните што ја започнале акцијата?
– Досега имам сè организирано и материјално покриено сама, без поддршка од донации или владини пари. Сите настани, освен овој – за куќата на Атиџе Муратова, беа покриени од мојата компанија „Di Biaggio NY“. За Атиџе отворивме со сопругот страна на „GoFundMe“ за првпат и во рекордно време се собраа бараните средства. Чудо е каква моќ имаат социјалните мрежи кога станува збор за организација за нешто што нè обединува на сите континенти како Македонци. Атиџе не остави никој кој го гледал филмот „Медена земја“ рамнодушен, па така луѓето донираа без проблем, а јас се координирав со другарки Македонки кои се насекаде низ светот.
По обновувањето на куќата на Атиџе, што е следното и изгледа ли достижно, остварливо од оваа почетна перспектива?
– Куќата на Атиџе ни беше еден преубав потег, мислам дека сите кои работевме и физички и ментално не се штедевме. Луѓе сакаа да помогнат или да донираат нешто за Атиџе, па имавме и неколку фирми кои ни дадоа гратис производи што ни беа потребни, а за кои јавно пишав на мојот Фејсбук. Мајсторите кои беа ангажирани и беа платени за надворешниот дел на куќата, внатрешниот го сработија без пари, од почит кон Атиџе, два дена возев и тројца студенти кои го рушеа ѕидот на куќата. Толку убаво бевме координирани и имаше прекрасна енергија. Со Атиџе заедно купувавме материјали и самата си бираше бои какви сака за подот и куќата. Во знак на почит кон сите кои донираат ширум светот направивме табла која стои на куќата, на која пишува „Куќата е целосно реновирана од донациите на хуманите луѓе преку GoFundMe“ и на неа има знамиња од неколку држави од каде што имавме најмногу поддршка. На крај организирав мала веселба со торта, музика и пеење кога беа при крај мајсторите, зашто сакав и тие да бидат дел од славењето за куќата.
Следно што сакаме да го оствариме е помош на другата фамилија која беше дел од филмот „Медена земја“. Можеби публиката ги доживеа како негативни ликови, но во суштина без нив „Медена земја“ немаше да биде толкав успех и заслужуваат ист третман. Со оглед дека се огромно семејство со 8 деца, ќе се потрудиме со сопругот да биде остварливо. Држете ни среќа!