Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел на подготвителниот министерски состанок за Самитот за иднината во 2024 година ги претстави визијата, приоритетите и очекувањата на Бугарија, соопшти бугарското МНР.

Една година пред идниот самит во 2024 година, претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, свика подготвителен министерски состанок. Идниот самит се очекува да резултира со усвојување на „Пакт за иднината“, Декларација за идните генерации и Глобален дигитален договор, кои ќе бидат договорени од земјите-членки преку меѓувладини преговори.

Меѓу главните прашања за кои ќе се расправа на Самитот се подобра подготвеност за справување со глобалните предизвици, вклучување на младите во одлучувањето, градење заедничка визија за дигиталните технологии, нова агенда за мир, трансформирање на образованието, пренесува БТА.

Марија Габриел посебно издвои три од овие теми. „Мојата прва порака е – да им дадеме повеќе можности на младите да учествуваат во одлучувањето“, рече таа. Во овој контекст, таа повика и на силна поддршка за младите научници. Предизвиците на дигиталната ера, вклучително и оние поврзани со вештачката интелигенција, бараат решенија кои се достапни за сите, рече бугарската вицепремиерка. – При донесувањето на одлуките потребен е заеднички пристап кој го вклучува придонесот на приватниот сектор, меѓународните финансиски институции и граѓанското општество, потенцираше Марија Габриел.

Во говорот, исто така, ја нагласи потребата да се продолжат напорите за спречување конфликти, како и да се преземат координирани активности за справување со глобалните предизвици.

Марија Габриел е дел од бугарската делегација во Њујорк, каде што се одржува 78-та годишна сесија на Генералното собрание на ОН. Таа вчера се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Украина Володимир Зеленски и со претседателот на Романија Јоханис Клаус. Главна тема на разговорот беше функционирањето на Акцискиот план за регулирање на увозот на земјоделски производи од Украина и перспективите на регионот во однос на поврзаноста.