Обвинетиот Велибор Манев денеска сведочеше во судот за случајот со киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевски, откривајќи шокантни детали за злосторството, јавува Локално.

„Јас ја одлепив лентата од устата на Вања за да може Љупчо Палевски да ја слика со вперен пиштол, со цел родителите побрзо да дадат пари за откуп,“ изјави Манев пред судот, опишувајќи дел од планот што, според него, го водел Палевски.

Манев сведочеше дека првичниот план бил да се киднапира 40-годишна жена, ќерка на познат фармацевт во Македонија, но на крај целта станала 14-годишната Вања.

„Кога Палчо ја уби Вања, не бев далеку, туку на десетина метри. Го видов како го носи перничето и ја пука,“ рече обвинетиот, опишувајќи ја трагедијата.

По убиството, како што тврди, Палевски им наредил да ископаат дупка и да го закопаат телото. „Ја копавме околу 20 минути, а за тоа време телото на Вања не го мрдавме додека не ја ставивме внатре,“ сведочеше Манев, додавајќи дека лопатите ги исчистиле и ги фрлиле за да се сокријат трагите.

По убиството, Палевски запалил цигара и ги проверил вестите на интернет.

„Тогаш виде што се случува и колку врева се кренало,“ заврши обвинетиот Манев во своето потресно сведочење.