Секој инволвиран во одредено противправно дејствие за кое постојат јасни докази и факти, мора да одговара, без разлика на неговата политичка, верска, етничка, а најмалку без разлика на неговата функција која ја извршува. Ова го изјави Валентин Манасиевски, член на Цeнтралниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање.

Како што рече, доколку постојат докази за сторено кривично дело, недозволено е таквото однесување.

„Од аспект на морал сметаме дека е поголема одговорноста кај лицата кои извршуваат високи јавни функции, отколку кај останатите. Нашата заложба како Влада е јасна, а тоа значи бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Правдата и владеењето на правото е важен двигател за развојот и перспективата на државата и затоа секој еден поединец или чинител кој извршува јавна функција мора да е насочен кон исполнување на сопствените индивидуални должности и обврски, односно целосно почитување на законските норми“, рече Манасиевски.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да покажат дека секој којшто се огрешил пред законот соодветно ќе биде казнет.