СДС да каже што одработил Лазар Нанев во Судскиот совет за 120 илјади евра кои му ги дале од Еразмус +, Филипче ако заврши со пловењето може да даде одговор исто, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Лазар Нанев е втор член на Судскиот совет по Наќе Георгиев, кој е фатен во коруптивна практика. Јавноста заслужува да знае, колку судии се унапредени, колку судии се поставени, а и колку се разрешени, со коруптивните одлуки на Нанев, и како тие влијаат на системот сега? Сепак, досега имаме само молк од СДС, зошто со европски пари купувале судии, молк и за тоа што барале за возврат. СДС и Заев, преку Лидија Димова, тогашна директорка на Агенцијата Еразмус +, доделиле грант од 120 илјади евра, на судијата Лазар Нанев, кој го добил проектот, преку неговата невладина организација која била составена само од едно лице, самиот Лазар Нанев. Имено, проектот кој бил дел од Европските фондови КА201, бил со главен фокус на училишното образование и вреден 120 илјади евра“, рече Манасиевски.

Тој праша дали СДС преку Нанев и подарокот во вид на грант од 120 илјади евра, си ги заштитиле своите сопартијци кои направиле криминал и дали самиот Нанев има ургирано да не се водат постапки против членови на СДС за кои јавноста се сомневала дека имаат направено одреден криминал?

„Жално СДС не е на власт, можеби и Коцевски ќе требаше да добие еден ваков грант. Шегата на страна, ваквите чекори на Заев и на СДС го уништија и партизираа судството, но и институциите. Сега кога криминалот на СДС, Заев и Димова излегува на површина, тие се најгласни. 7 години беа на власт, можеле преку Нанев да ургираат да ги апси нивните опоненти. Јавноста е свесна дека ако имало некаков криминал, СДС сигурно ќе апсеше партиски опоненти како што правеа со Гордана, со Миле или пак со Спиро. Со видео снимки и во раните утрински часови ќе влегуваа по домовите. Времето на ова криминално владеење на СДС, Заев и Филипче заврши. Во следните денови ќе продолжиме да објавуваме како СДС ја злоупотребуваше Агенцијата и зошто всушност тие се исплашени“, рече Манасиевски.