Има фирми кои работат пазарно, се борат и се натпреваруваат и има фирми кои со СДС работеа само за тендери. За овие вториве СДС се патрон. Зачудувачки е како ЈО со години молчи за тендер шемите на Стентон Градба. Ова го изјави Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека во период од 2019 до 2023 година, Стентон Градба добиле државни тендери од 66,5 милиони евра, што е за нецели 5 милиони евра помалку од вкупните приходи на друштвото.

„Мора да се нагласи дека и остатокот од 5 милиони евра, кои не се добиени директно од тендери, поголемиот дел се наплатени како подизведувачи на други фирми исто така на тендери. Дали некои фирми се направени само за да фаќаат тендери, додека остатокот треба да се мачат и по пазарни услови да се борат за корка леб? Како е можно Стентон Градба да нема никаква друга работа освен тендери, и тоа кога СДС беше на власт да биде во топ 10 тендераџии во државата? Дали институциите не го сметаат за сомнително тоа што фирмата 4 години буквално живеела само од тендери? Фаќала работа далеку од нејзината база, а фирми кои се многу поблиску истата не ја добивале? Дали и како Стентон Градба ги добивале тендерите? Дали игра клучна улога СДС, Заев и Филипче?“, праша Манасиевски.