Малолетно лице било послужено со алкохол, а друго било затекнато во угостителски објект по полноќ, при акциска контрола што полицијата ја спровела во два локали во Македонска Каменица, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат од МВР, акцијата била реализирана на 17 мај од страна на СВР Штип – ОВР Делчево, во координација со Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување. При контролата биле утврдени сериозни прекршувања на законските прописи.

„Констатирано е кривично дело – точење алкохол на малолетно лице, како и прекршок за присуство на малолетник во угостителски објект после 24:00 часот. За наведените дејствија ќе бидат поднесени соодветни пријави“, стои во соопштението на МВР.

Од Министерството додаваат дека од страна на инспекциските служби се евидентирани и други неправилности, за кои се изречени соодветни мерки.