Горан Станковски од Крива Паланка низ солзи ќе каже дека ова е најтешкиот период од неговиот живот. Има три малолетни деца, и со години работејќи успеал да направи две мали соби за себе и неговото семејство. За жал, пред неколку години тој на работното место доживеал несреќа, па паѓајќи му контејнер врз телото бил повреден, од кои повреди и денес ги трпи последиците. Нозете му се толку повредени што веќе бил подложен на една, а допрва го чека уште една операција во Скопје. Истата ја одложува поради финансиски причини, но, и поради тоа што се плаши толку мали деца да ги остави сами дома. Зашто неговата сопруга има здравствени проблеми поради тешко и трауматично детство, во кое била малтретирана од маќеите-ќе рече таа, па тој сега е оној кој готви, пере и се грижи за своите најмили. Поради состојбата не може да работи, сопругата не е никаде вработена, па ова семејство живее само 9000 денари месечно. И неговиот најмал син ќе рече дека се многу сиромашни, дека немаат услови за учење сите во една соба и дека често и дома, а и на училиште е гладен.
-Многу тешко живееме – започнува да раскажува Горан за животот на неговото семејство. Тука сум роден во Крива Паланка и работејќи успеав да обезбедам да направам две соби за моето семејство. Имам три деца Грета, Леон и Јован. Одлични ученици се, многу го сакаат училиштето. Грета е прва година во средно медицинско училиште и има петки, ама немаат услови за учење. Сите во една соба, пет души тесно е. Јас за жал имав несреќа пред десет години. Ме поклопи контејнер додека работев во Комуналец, а не бев осигуран, и не ми дадоа ни оштета. Па, денес имам проблеми со цело тело, со нозете, со рацете со кичмата. Не можам ни канта од пет килограми да кренам, одма ме фаќа болка во половината. Тоа не принудува да живееме само со минимална социјална помош која за ништо не е доволна. Принуден сум децата гладни да ги испраќам на училиште. Неспособен сум за работа, иако сум млад -ќе додаде Горан, кој иако направил една операција на ногата и оди со помагала, треба да оди на уште една операција, но, се плаши да замине да не остане инвалид, а и децата нема да може да се грижат сами за себе, а мајка им не може да ја превземе таа обврска зашто е болна и има преживеано големи трауми во детството.
-Јас сум се родила на 8 јануари- вели Силвана, но после три недели од моето раѓање мајка ми починала и татко ми ме дал во дом. Потоа пак ме зел дома, но ме чувале маќеи и многу лошо се однесувале со мене. Ме ставале во шпорет за дрва за да се изгорам. А, јас сум била мала ништо не сум разбирала. Тоа ме натера млада на неполни 17 години да се омажам и денес имам три деца, ама и тие исто како мене немаат убав живот. Нема, сиромашни сме. Мене никаде не сакаат да ме вработат како хигиеничарка, а маж ми е болен и не може да работи, па живееме само со 9000 денари социјална помош- низ солзи објаснува Силвана.
Ги гледам дечињата во училиште како јадат кифла или сендвич, а јас се виткам додека ме боли стомакот ќе каже – десетгодишниот Јован. Често седам гладен –додава тој, зашто родителите немаат да ми дадат да си купам кифла. И, дома нема храна за да јадам. Кога има јадам, ама почесто седиме гладни. Сакам поголема соба зашто немаме каде да учиме сите тројца, сакам убав кревет, масичка, компјутер, телефон како и сите дечиња, но, најмногу храна на масата за сите нас. Сакам на масата да има месо и благо, зашто тоа многу ретко јадеме. Храната е ја поделам со мојот брат и сестра зашто и тие страдаат како мене. Тоа е мојата најголема новогодишна желба – додава малото момче плачејќи.
А, веројатно тоа е животната желба на таткото Горан, на кому среќата на неговите три деца е најважна и верува дека хуманоста на народот ќе ги избрише солзите во нивните и неговите очи.
Доколкку сакате да помогнете на семејството на Горан Станковски тоа можете да го направите преку контакт со него на неговиот личен телефонски број 079240762 и на неговата жиро сметка 240357012601383 или преку активната кампања на e crowd.mk платформата каде се собираат средства за помош на ова семесјтво./ Срце На Дланка