Професорот Денко Малески смета дека замешувањето на соседните земји и земање страна за нерешениот спор со Бугарија, не само што не го решава спорот, туку може да го дестабилизира Балканот.

Професорот Малески вели дека вистинскиот пат за излез од кризата не е враќање кон некакви стари или замислени сојузи, а најмалку кон старите национализми.

„Европскиот континент денес, како и нашето членство во НАТО, налага мирољубиво решавање на споровите преку преговори и компромиси меѓу засегнатите страни“, пишува Малески во колумна објавена во Плусинфо.

Тој вели дека реакциите во регионот по најавата од македонскиот премиер за воведување на српскиот јазик во школите се инфламаторни како во минатото.

„Ништо страшно, ќе рече некој кој не разбира дека зборовите имаат значење и предизвикуваат последици. Ова се симптоми кои предупредуваат на можни идни посериозни регионални недоразбирања“, предупредува професорот.

Според него, присуството на НАТО и ЕУ во регионот не ги елимириа локалните ривалитети за влијание во Северна Македонија, кој може да биде извор на несогласувања и конфликти.

„Македонија и натаму е предмет на натпревар за влијание на соседните регионални сили кои, по малку, наликува на времињата кога последната отоманска провинција во Европа стана јаболко на раздорот помеѓу Србија, Грција и Бугарија“, истакнува Малески.