Хрватски, швајцарски, белгиски модел… Многу предлози продефилираа на јавната сцена во контекст на уставните измени, а најголема врева се крена по искажаната подготвеност на ВМРО-ДПМНЕ јавно да разговара за преамбула во македонскиот устав по урнек на хрватската. Според посочената преамбула, „Република Хрватска се востановува како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на национални малцинства“, по што поименично се наведени 22 малцинства, пишува Дојче Веле.

Предлогот наиде на критики кај партиите на Албанците, а премиерот вчера ја посочи нужноста од македонски модел и со македонски консензус, за кој ќе се води стручна дебата во експертска работна група, а не по телевизии.

Предлогот за хрватскиот модел не стигна случајно пред портите на власта. Владејачки функционери ја посочуваа преамбулата во хрватскиот Устав како позитивен пример во однос на бројот на впишани малцинства, но ја игнорираа нејзината целина, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ реши да ги потсети дека тоа не е шведска маса – да се послужиш само со она што ти одговара.

„Всушност, тоа е таа мајоризација која ги потпали војните во Југославија, кога другите нации се спротивставија на српската хегемонија на Милошевиќ. Одбивајќи отворено да дебатираме за истата опасност во независна Македонија и да преземеме чекори кон промена на системот, десет години лизгавме кон етнички конфликт кој се случи во 2001 година. Имено, балансот се поремети во моментот кога српските сили на македонско-косовската граница беа потиснати од НАТО на територијата на Србија. Истите сили ни пристапија напомош во моменти кога се разгоре меѓуетничкиот конфликт во нашата држава и го сочуваа територијалниот интегритет на Македонија. Цената беше Охридскиот договор, во кој беа вметнати консензуални елементи во политичкиот систем и уставни инструменти дека процесот на одлучување нема да може да ја заобиколи втората по бројност етничка заедница, албанската. Со тој договор станавме мултинационална држава, факт кој не можеше да го сокрие ниту една прилично несмасна формулација на преамбулата на новиот устав. Наложен од надвор како спасоносно решение за младата македонска држава, моделот успешно го одржува мирот во земјата, еве веќе дваесет години“, оценува Малески.

Целата вест на Дојче Веле