Иван Николов

Националните малцинства во Србија обично служат како монети за поткусурување во односите со соседните земји, кога треба да се исчисти „демократскиот“ имиџ на Србија пред европските институции или таму каде што српските властодршци треба да се фалат: „Погледнете нѐ колку сме либерални.“

Во внатрешен план, малцинствата обично служат како боксерски вреќи, врз кои што ги вежбаат српските натпатриоти и националисти. Или едноставно како корисни идиоти, кои треба да свршат некоја валкана работа за власта.

Злоупотребите со малцинствата обично се гротескни и често достигнуваат комични размери.

На пример, руското национално малцинство во Србија во 2011 година броеше само 3.247 луѓе. Десет години подоцна, во 2022 година, тоа се зголеми повеќе од три пати и брои 10.486 луѓе!? Ова очигледно не може да се случи по природен пат, дури и ако се бројат Русите кои дојдоа во Србија по војната со Украина. Тие едноставно немаат српско државјанство и не се предмет на попис.

Од овие 10.486 Руси, досега се регистрирани точно 10 руски малцински партии, кои активно учествуваат во политичкиот живот на Србија. Осум од нив се регистрирани за време на владеењето на Вучиќ. Благодарение на една таква руска партија со еден-единствен мандат, беа освоени изборите во Ниш во полза на партијата на Вучиќ. Постои и Национален совет на руското малцинство во Србија.

Последната руска партија – „Српско-руски фронт“ – е регистрирана на 3 април оваа година. Нејзин законски претставник е Добросав Мариќ, до неодамна близок со познатиот лидер на Српската народна партија Ненад Поповиќ – познат русофил и коалициски партнер на владејачката партија на Вучиќ.

За регистрација на малцинска партија, според српското законодавство, се потребни 1.000 пријави за членство. Од што следува дека речиси сите Руси во Србија се членови на некоја руска малцинска партија. Но не е така. Во некои од нив, Русите се незабележливо малку – колку „за форма“. Ако се суди според имињата на нивните законски претставници, сите се Срби, кои ја користат т.н. „позитивна дискриминација“ при регистрацијата на малцинските партии, за да влезат преку задната врата во српските институции – обично за да извршуваат некакви казиони „патриотски задачи“.

Од друга страна, автентичните малцински партии, кои на почетокот на т.н. „демократизација“ во Србија во раните деведесетти години на минатиот век се создадоа со наивна надеж дека ќе ги претставуваат интересите на малцинствата во институциите на политичкиот систем и ќе работат за нивниот просперитет, беа исфрлени на маргините, поделени и меѓусебно конфронтирани, а потоа на „благонадежните“ им беа фрлени одредени синекурни позиции во системот. Оние кои продолжија да зборуваат за проблемите или едноставно одбиваа да соработуваат, беа означени како државни непријатели и против нив беа преземани сосема непријатни мерки.

На пример, од бугарското малцинство, кое според српската статистика е сведено на 12.918 луѓе, се направени 4 малцински партии. Барем три од нив се казиони – од кои две играат опозиција во Цариброд, а една управува со Босилеград.

Четвртата и најстара, која не се согласи да игра во политичката постава на Вучиќ, едноставно ја замрзна својата активност, но и покрај тоа беше подложена на мерки и прогон. Оваа партија никогаш немаше ниту еден динар на својата сметка, но сепак нејзиниот законски претставник е подложен на деноќни набљудувања и судски процеси за неподнесување на годишни финансиски извештаи за непостоечки пари и редовно е казнуван како лице на функција.

Бугарските здруженија, културни центри и граѓани, кои сè уште ја бранат бугарската кауза во Западните покраини, ја делат судбината на бугарските клубови и познати, а и не толку познати Бугари во Северна Македонија. Методите кои се применуваат против нив и против нас се исти – претходни постапки и судски случаи кои траат со години; прикриен и брутален секојдневен притисок; прислушување на мобилните телефони со најмодерна шпионска техника за следење; поделба на сите формални и неформални движења; информативна пропаганда против опозицијата и особено против студентските протести; апсења и политички репресии против студенти, универзитетски професори и други.

Сето ова се случува на фонот на оглушувачката тишина на Европа. Таа сè уште верува дека може да го привлече Вучиќ кон себе и да ја извлече Србија од руската сфера на влијание, а тој пак се надева на нејзино распаѓање и смета на Русија за ново прецртување на границите и остварување на вековните српски снови за создавање на Голема Србија и „обединување на сите српски земји“, што и да значи тоа.

Бугарските политичари сè уште немаат европска самодоверба и не вложуваат доволно напори во европските институции за создавање на една заедничка и силна европска позиција кон Србија, која повеќепати го наруши мирот на Балканот и во Европа. Сетете се само колку време и требаше на Европа да сфати што се бегалците кои ја преплавија, каква е војната против Украина итн.

Ако бугарските и хрватските европратеници влезат во Европскиот парламент со европска самодоверба, тие не треба да очекуваат дека Урсула фон дер Лајен, Каја Калас или Антонио Коста ќе го познаваат подобро од нив феноменот на српскиот национализам. Напротив – бугарските или хрватските евродепатити треба да ги запознаат своите колеги од другите земји со тоа што всушност претставува српскиот национализам, затоа што РС Македонија и Србија сѐ повеќе се оддалечуваат од преговорниот процес за членство во ЕУ и каква е опасността за Европа.

Ова би можел да биде вистинскиот и корисен придонес за европеизацијата на Србија и Северна Македонија. Молчењето, спуштањето и отстапките пред дивиот национализам не работат ниту за малцинствата во Србија, ниту за мнозинството, ниту за мирот и безбедноста на Балканот и во Европа. Напротив – тоа уште повеќе ја зголемува провалијата во која се’ подлабоко тоне Србија на Вучиќ. И е опасно за бугарските национални интереси. Затоа што руската воена база, камуфлирана како Руски хуманитарен центар, се наоѓа на само неколку десетици километри од Софија.