Атанас Величков/Трибуна
„Малиот Шенген“, скривницата од неудлучноста и неспособноста на тројца балкански политичари кои веќе се влезени во филм дека прават „нешто големо“ и „наместо ѕидови градат мостови“ веќе се нарекува „Отворен Балкан“ и ќе стане факт од 1 јануари 2023 г.
Се надевам зборовите на премиерот Заев дека учесниците во иницијативата „Отворен Балкан“ дека немаат време да чекаат да се решат внатрешните прашања на ЕУ за да одат напред, навистина ќе предизвикаат одење напред, толку брзо што дури Бугарија ќе посака да застане на отворено за да ја „убие провевот“ од заборавените врати и прозори на луксузните резиденции на новите лидери од Западен Балкан.
Надежта умира последна…
Иницијативата „Отворен Балкан“ е прекрасна, но изгледа дури и нејзините иницијатори не се најасно што точно треба да претставува. Заедничкиот договор за слободното движење на луѓе и добра без застанување на граница, нема потреба од толкава помпезна најава, освен ако истата не се прави за демонстрирање моќ од страна на едни разочарани големи „државници“ кои мораат да спакуваат нешто евтино во скапа хартија за да го продадат на своите граѓани.
Филмот на Заев е јасен. „Отворен Балкан“ е неговиот спасувачки појас. Откако не собра сили да започне отворен дијалог со Софија и се ограничи само на лицемерните флоскули од типот „братски народ“ и „братска земја“, сфаќајќи дека лобирањето против Бугарија и нејзината „божемска“ заостанатост во 19 век, низ европските метрополи не заврши работа, мораше да измисли нова гума за џвакање за измачениот народ. Како што напиша на социјалните мрежи еден поранешен висок партиски функционер од ВМРО ДПМНЕ „Тие што ви ветуваа ЕУ ќе ве шетаат до Врњачка бања и Ѓирокастро“.
Нема ЕУ, ама ќе имаме мостови и брзо спроведување на договореното на Економскиот форум во Скопје. Најверојатно облечено во туѓ дрес, според вкусот на „новиот Тито“.
На најавениот Балкански вински фестивал ќе се опијаниме сите од оптимизмот на разочараниот наш премиер. Тој сите домашни задачи си ги завршил, ама лошата Бугарија не му даде амин, за почеток на преговорите со ЕУ, затоа сега тој како еден лидер за пример ја кани истата таа Бугарија да стане дел од проектот. Европски и инклузивно од негова страна.
За жал убавите зборови се само зборови и не значат ништо се додека не се претворат во дела. Тоа Заев добро го знае, бидејќи и самиот е свесен колку убави зборови кажал во Софија и останал само со нив. Тука веќе историјата е најмалиот проблем, се работи за доверба, која не ни започна да се гради. Оти Софија е непопустлива, а Вучиќ е итар како Настрадин оџа. Да не го мешам Итар Пејо (Хитър Петър) во бучкурушот, оти и него ќе треба да го делиме.
„Добрите македонски Бугари“ и нивните пријатели од Македонскиот литературен кружок 2.0 во Софија, одамна предупредуваа дека Бугарија води погрешна политика во однос на Македонија. А кога ли Софија имала правилна политика? Кога? Кога Бугарија не била крива за било што во Македонија? Бугарија го донесе Вучиќ на прошетка во Скопје и му подари дрес на Црвена ѕвезда. Бугарија ја турка Македонија во преградките на Србија… Бугарија е лошиот џандар во нашиот евтин акционен филм, во којшто сите ние сме само статисти, што треба да се радуваат на некаква нова Југославија која ќе ја врати гордоста на потиштениот народ.
Површноста на лесните за асимилирање нафрлани во информацискиот вриеж муабети од ваков тип се како нарачани од оние кои си помислија дека можат да потпишат еден договор без да имаат потреба да го спроведуваат и откако им ја кренаа рачната сопирачка почнаа да бараат оправдувања за сопствената неподготвеност да се судрат со сите проблеми, што со години се криеа низ ходниците на неостварената државност, чии темели се удрија пред 77 години во манастирот „Прохор Пчињски“.
Македонската стварност не собра сили да се соочи со своите внатрешни поделби на комити и партизани и се разбира дека за тоа е крива Бугарија. Тоа е реалноста и ниту едно добро скоцкано оправдување не може да ја смени. Бугарија требаше да остане пасивна и да молчи, верувајќи дека иднината ќе го донесе така сонуваното од нејзе братство меѓу разделените од комунизмот луѓе. Колку лоша е таа Бугарија што конечно се разбуди, па сега ќе ја „тепаме“ со провевот од отворениот Балкан.
Ако сè се одвива според планот, од 1 јануари 2023 г. европскиот бугарски пасош ќе ја изгуби вредноста пред македонската, албанската и српската патни исправи. Ако сè е во ред нема да има и потреба од црвени линии во однос на преговорите со Бугарија. Ако… Ако… Ако беа толкави градители на мостови државниците од „разочараната тројка“, одамна нашите три земји ќе личеа на Европа и немаше да имаат потреба да седат на отворено додека ги „шиба“ провевот на евтините илузии наменети за неевакуираните на запад граѓани.