Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска учествуваше на јавна дебата „Мотивирање на граѓаните за плаќање даноци“ во салата на Советот на општина Гостивар, заедно со градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари и градоначалникот на Тетово Билал Касами.
Во своето обраќање, Димитриевски се заблагодари на поканата да учествува на дебата по повод проблемот за прибирање на даноци, но и такси во рамките на единиците на локалната самоуправа. Димитриевски, пред присутните информираше дека Општина Куманово пред 4 години била трета најзадолжена општина во државата и тоа место симболично било делено со општина Карпош.
„Имавме основни долгови некаде 368 милиони денари или тековни обврски над 6 милиони евра и дополнително, судски извршни решенија и камати на самите долгови во износ од 11 милиони евра. Денеска, општина Куманово со денешниот биланс има обврска од 175 илјади денари или нешто помалку од 3 илјади евра, а на сметка имаме 174 милиони денари“, рече Димитриевски и додаде дека за оваа цел направиле пред сè реформи во секторот за даноци и такси, со што почнал процесот на оданочување на сите граѓани.
На јавната дебата, градоначалникот Димитриевски потенцираше дека првенствено градоначалниците, носителите на јавни и политички функции, пратеници, членови на Советот, сè до последниот вработен од техничкиот персонал во општината треба да бидат за пример, а исто така спомена и дека пензионерите се најредовните плаќачи на даноци, затоа што имаат создадено даночна дисциплина.
„Ако имате вие во оваа сала еден вработен во општинска администрација кој навремено не ги подмирува своите даночни обврски кон општината, тој процес неможете да го спроведете. И тој процес е осуден на пропаст, што значи ние првично треба да бидеме за пример како градоначалници, носители на јавни и политички функции и пратеници, членови на Советот, раководители на сектори и одделенија, до последниот вработен во техничкиот персонал во општината. Јас знам дека е тешко кога некој ќе ви пресмета данок за кој што треба ретроактивно да се врати, но вие имате законска обврска тој данок да го платите затоа што ако одите во анализа ќе видите дека пензионерите се најредовните плаќачи на даноците и јавните и комунални давачки кон општината затоа што имаат создадено даночна дисциплина и таа даночна дисциплина постепено се надоградува“, изјави Димитриевски Димитриевски, на јавната дебата истакна дека граѓаните сакаат да им се наметнуваат правила и процедури, но првенствено истите да се почитуваат од страна на сите.
„Да ги прибираме даноците за да имаме од што да им направиме на граѓаните, бидејќи никој од страна нема да дојде и да ни донесе средства, сите оние донации кои се појавуваат тие се првично скромни, времени се и нема да траат вечно. Затоа ќе мораме сакале или не да се научиме да ги плаќаме даночните обврски. Главниот проблем е даночната дисциплина којашто ние всушност ја немаме како граѓани или сме ја изгубиле. Вториот проблем е даночната евиденција којашто ние како локални самоуправи ја немаме во целост поставено или пак истата е поставена строго селективно поради селективниот пристап на професионалните служби вработени даночното одделение. И третиот уште поголем проблем е даночната моќ или капацитет на граѓаните да ги плаќаат своите јавни давачки“, посочи Димитриевски.
Димитриевски даде осврт на ситуацијата со дивоградбите и истакна доколку биле прибирани даноците ќе немало потреба во државата да се носи закон за легализација на диво изградени објекти. „Паралелно постапката за легализација на објекти легализираше голем имот на територија на целата држава, а сите тие легализирани објекти не беа предмет на работа на даночните служби што значи ретроактивно целиот тој имот исто така го оданочивме за 5 години наназад“, додаде Димитриевски.