Лидерите на Германија, Франција и Италија, Олаф Шолц, Емануел Макрон и Марио Драги пристигнаа денеска во посета на Украина, откако во текот на ноќта тргнаа заедно со воз од Полска.
Украинските надежи за членство во Европската Унија секако ќе бидат една од темите за разговор, во текот на посетата на тројцата евроспки лидери. Нивната посета се случува еден ден пред Европската Комисија да даде препорака за статусот на Украина како земја кандидат за членство.
Минатиот месец Макрон изјави дека процесот за прием би можел да трае повеќе години или дури децении.
Но денеска, од железничката станица во Киев, Макрон испрати порака за солидарност и поддршка на Украинците веднаш но и во иднината.
Лидерите на трите најмоќни европски држави со посетата на Киев испраќаат и силна порака за помош на Украина, политичка, хуманитарна и особено воена, во обид да и помогнат на земјата да се одбрани од руската агресија.
Особено Германија во минатиот период беше цел на критики од Украина, дека се обидува да балансира меѓу поддршката за властите во Киев и желбата да задржи добри односи со Русија.
Шолц досега повеќе пати кажуваше дека нема да го посети Киев само за да се фотографира. Што може да и понуди на Украина? Неговите домаќини повеќе пати кажуваа очекуваат тешко вооружување од Германија, особено тенковите Леопард и Мардер. Германија досега испрати друг вид воена опрема и помош, но во однос на бруто домашниот производ на земјата, тоа е значително помалку во однос со понудата од Балтичките земји и Полска.
Шолц, Макрон и Драги, пред разговорите со Зеленски го посетија и предградието на Киев, Ирпин, каде руските сили беа обвинети дека извршиле дел од најгрозоморните злосторства во текот на воената интервенција.